Една година од поплавите во скопско кои однесоа 22 животи
Се навршува една година од невремето што предизвика поплави во скопско при што загинаа 22 лица.
На денешен ден минатата година скопскиот регион беше зафатен од обилни врнежи од дожд и силен ветер.
Луѓето кои беа жртви на невремето се од Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново. Во текот на едно деноноќие лани на 6 август во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало над 800 громови.
Тогаш многу домови останаа без електрична енергија, а околу 1000 граѓани беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август.
Граѓаните од целата држава координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции во наредните денови се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите. 8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост во Република Македонија.
