Едмонд Темелко не се откажува од градоначалничката функција
Едмонд Темелко по четврт пат ќе се кандидира за градоначалник на Пустец на локалните избори во Албанија, откако изборната комисија ја верификуваше неговата апликација. Тој е актуелен градоначалник на оваа општина и доколку победи тоа ќе му биде четврт мандат.
Темелко е предложен од единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), додека носител на кандидатската листа за Советот на општината е Јордан Ставре од селото Туминец. МАЕИ со свои кандидати настапува единствено во општина Пустец.
Темелко е обвинет од СЈО во случајот „Титаник“. Во 2017 кратко време беше во истражен затвор, а во мај лани му беше укината мерката куќен притвор и му беше дадена можност да се брани од слобода под гаранција на приложен недвижен имот.
