Единствениот грчки пратеник што се изјаснува како етнички Македонец дојде во Преспа
Фото: ДВ
Константинос Селцас, етнички Македонец од Лерин, кој е пратеник во грчкиот парламент од редовите на владејачката Сириза беше присутен на потпишувањето на договорот во Преспа и свечениот ручек во рамкте на дружбата и размена на идеи помеѓу македонските и грчките пратеници.
„Вложивме големи напори за да дојде овој ден. Ова е голем ден за македонскиот и за грчкиот народ. Ова е добар договор за Македонците и мислам дека направивме голема работа. Тие што имаат 'поинаков ум' (мислејќи на тие што протестираат), за нив не можеме да направиме повеќе. Ние сме за утре, не за некни“, вели Селцас за Дојче Веле.
Изненадил со течниот македонски јазик и со отвореното тврдење дека е етнички Македонец.
„Да, јас сум Македонец и тоа не го кријам ниту во парламентот“, рекол Селцас.
Пратеникот на Сириза е убеден дека договорот ќе помине и во Грција и во Македонија и смета дека тој е добар за обете страни. Тврди дека и Македонците во Грција го поздравуваат овој договор и се многу задоволни со него.
