ЕДИ РАМА ЈА РЕШИ МИСТЕРИЈАТА - тој, Ковачевски и Вучиќ, по два дена размислување, сепак, ќе одат за Брисел
Обновено
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ ќе одат во Брисел и ќе учествуваат на самитот Европска Унија – Западен Балкан.
Албанскиот премиер Рама на Твитер објави дека по меѓусебни консултации, тројцата лидери на земјите вклучени во Отворен Балкан, сепак, одлучиле да заминат за Брисел.
– Ќе присуствуваме на состанокот на Советот на ЕУ. Нема да има многу што да се слушне за нас, но ќе бараме да бидеме слушнати за идејата за Нова европска политичка заедница која ја поддржуваме, за Отворен Балкан кој го промовира духот на Европа и за нашето киднапирање од Бугарија што сето тоа го уништува. Само што слушнав дека нешто денеска се придвижува во Бугарија. Прерано е за оптимизам и премалку за промена на делот од утрешниот говор каде Бугарија ќе биде критикувана како земја која киднапирала две земји од НАТО додека има жешка војна на европската граница!, наведува Рама.
Ковачевски, Вучиќ, Рама и нивните колеги од другите земји од Западен Балкан се повикани во Брисел на средба со челниците од ЕУ, што треба да се одржи в четврток, пред јунскиот самит на Европскиот совет на кој ќе се разговара за проширувањето на Унијата.
Предмалку на фејсбук се огласи и премиерот Димитар Ковачевски.
Тие се оние земји кои гледаат кон иднината, наспроти минатото и од кои ние, Албанија, но и регионот имаме целосна поддршка во исполнувањето на стратешката цел - членство во ЕУ.
Јас, Edi Rama и Aleksandar Vučić денес донесовме одлука, уште еднаш да ја потврдиме позицијата дека Северна Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина. Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан.
Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот. Нашите ставови на оваа тема ќе ги пренесеме заеднички, на самитот на ЕУ за Западен Балкан, во широк форум, во центарот на европската дипломатија“, напиша премиерот Ковачевски на својата официјална фејсбук страница.
