Економија, финансии, бизнис

Контакт

Еден од уапсените од „Беланоца“ бил осомничен за убиство на офицер на АРМ во Батинци

Еден од уапсените од „Беланоца“ бил осомничен за убиство на офицер на АРМ во Батинци

Двајца македонски државјани, кои според МВР се поврзуваат со скопската организирана криминална група „Беланоца“, вчера беа уапсени во албанскиот град Драч во меѓународна полициска операција спроведена по информација добиена од македонската полиција, објави ТВ Телма.

Меѓу уапсените е Џавит Муса (26), лице кое со меѓународна потерница го бараше Интерпол поради сомнение за повеќе тешки кривични дела, меѓу кои убиство, тешка телесна повреда, недозволено поседување оружје и злосторничко здружување. Муса беше баран и во врска со убиството на офицерот на Армијата на Македонија, Агим Муареми, кое се случи минатата година на влезот во селото Батинци.

Според досегашните информации од истрагата, Муареми бил нападнат додека се наоѓал во автомобил, кога кон него биле испукани повеќе куршуми. Како што тогаш објавуваше „Телма“, мотивот за убиството бил поврзан со несогласување околу бракот на неговата ќерка со лице поврзано со подземјето.

Во Драч е уапсен и Сенафи Нуредини (34), роден во Норвешка, кој исто така бил баран со меѓународна потерница. Според МВР, тој се сомничи за криумчарење мигранти, убиство, нелегално поседување оружје и злосторничко здружување.

„Врз основа на информација од македонската полиција, во Драч, Република Албанија, спроведена е меѓународна полициска операција во која се лишени од слобода М.Џ.(26), роден во Скопје и С.Н.(34), роден во Норвешка, двајцата припадници на организираната криминална група ‘Беланоца’“, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.

Според истрагите на македонските органи, Муса е осомничен и за уште едно убиство во Батинци во 2024 година, кое МВР го поврза со пресметка меѓу криминални групи. Од полицијата тогаш информираа дека случајот бил расчистен и дека убиството било нарачано од криминалната група „Беланоца“, предводена од Фатљум Ајети, познат како Тоте.

Нуредини, пак, е осомничен за убиството на Камбер Идризи во Бутел во 2021 година. Идризи беше познат како припадник на спротивставена криминална група, а случајот беше дел од серијата вооружени пресметки меѓу криминални структури во Скопје.

Муса и претходно бил познат на полицијата. Пред да избега од земјава, издржувал затворска казна во затворот „Скопје“ поради нелегално поседување оружје. Тој беше еден од затворениците за кои подоцна се утврдуваше дека добивале незаконски излези од затворот за приватни потреби, случај поради кој беше обвинет и осуден поранешниот директор на затворот, Филип Андов – Сокол.

Во октомври 2021 година, Муса бил осомничен и за напад во Студеничани, каде според пријавите избодел младо момче.

По апсењето во Албанија, за двајцата следува постапка за екстрадиција, а надлежните институции треба да ги преземат понатамошните чекори за нивно враќање во Македонија.


Слично

Поврзани вести