ЕЦБ предупредува дека војната во Иран може да ја зголеми инфлацијата во еврозоната
Конфликтот меѓу САД и Израел околу Иран може да предизвика значителен скок на инфлацијата во еврозоната и забавен економски раст, предупреди главниот економист на Европската централна банка (ЕЦБ), Филип Лејн, во интервју за Фајненшл тајмс.
„Зголемувањето на цените на енергијата врши притисок врз инфлацијата, особено на краток рок, а таков конфликт би бил негативен за економската активност“, рече Лејн, додавајќи дека обемот на влијанието би зависи од обемот и времетраењето на конфликтот.
Претходната анализа на ЕЦБ покажа дека одржливиот пораст на цените на нафтата, како оние што веќе се гледаат поради војната, би можел да ја зголеми инфлацијата за околу 0,5 процентни поени и да го намали растот за 0,1 процентен поен.
Цените на нафтата пораснаа за повеќе од 10 проценти поради конфликтот.
Инфлацијата во еврозоната моментално е на 1,7 проценти, под целта на ЕЦБ од 2 проценти, што укажува дека мал скок на цените на енергијата веројатно нема да предизвика моментална промена во монетарната политика.
Лејн додаде дека ЕЦБ се обидува да гледа подалеку од краткорочните флуктуации на цените на енергијата, сè додека тие не влијаат на долгорочните инфлациски очекувања и основната инфлација.
Пазарите во моментов очекуваат депозитната стапка на ЕЦБ да остане на 2 проценти во текот на целата година.
По избувнувањето на конфликот, цената на суровата нафта Брент скокна за 10 проценти, а денес цената надмина 82 долари за барел. Во петок цената на Брент заврши на 72 долари за барел, додека пред еден месец, на 2 февруари, беше само 66 долари за барел.
Сепак, глобалните аналитичари предвидуваат дека цената на нафтата би можела да надмине 100 долари за барел, и не исклучуваат понатамошен раст ако конфликтот на Блискиот Исток продолжи.
Во центарот на целата приказна е Ормутскиот теснец, низ кој минува една петтина од светската потрошувачка на нафта, а кој се наоѓа во зоната на конфликт. Најмалку три брода беа нападнати во негова близина во текот на викендот, поради што сообраќајот таму во моментов е запрен.
Како одговор, осумте членки на Организацијата на земјите извознички на нафта и нивните сојузници (ОПЕК+) објавија дека ќе го зголемат своето производство. Тие ќе го зголемат дневното производство за 206.000 барели од април.
