ЕБОР воведува нова програма од 75 милиони евра за Западен Балкан
ЕБОР воведува нова Програма за одржлива енергетска ефикасност за Западен Балкан 2 (WeBSEFF II) како поддршка на напорите за подобро искористување и зачувување на енергијата во регионот.
Програмата е комбинација од неопходно долгорочно финансирање и техничка експертиза - две клучни компоненти, кои често пати тешко може да се добијат.
Рамката од 75 милиони евра е дизајнирана за да обезбеди кредитни линии на локалните банки во Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Косово, Црна Гора и Србија, за понатамошно кредитирање на приватни компании и јавни субјекти. Средствата ќе бидат наменети за инвестиции во енергетска ефикасност и обновлива енергија. Во првата фаза програмата се воведува во Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија и Србија.
WeBSEFF II е дел од Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан, што претставува заедничка иницијатива на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и ЕБОР. Во рамките на оваа програма, Европската унија обезбедува поддршка во износ од 11.5 милиони евра, во форма на грантови наменети за програмите за техничка соработка, како и директни грантови за заемопримачите по успешно имплементиран проект. Заемопримачите, ќе можат да користат бесплатни консултантски услуги-како на пример, бесплатна подготовка на инвестициски планови.
Регионот на Западен Балкан има значителен неискористен потенцијал за инвестиции во енергетска ефикасност, во период кога на пазарот и понатаму се присутни голем број на пречки. WeBSEFF II е креиран за да одговори на овие предизвици, притоа запазувајќи ја усогласеноста со целите на земјите учеснички, утврдени во Националните акциони планови за енергетска ефикасност (NEEAPS), кои даваат истакната улога на јавниот сектор. Клучните цели се максимално искористување на потенцијалот за заштеда на енергија, отворање на нови пазари и обезбедување ефикасна и ефективна распределба на средствата.
Во моментов во Македонија, се подготуваат кредити за две комерцијални банки во вкупен износ од девет милиони евра.
„Новата програма претставува важен чекор напред во нашите напори да го поддржиме одржливото користење на енергија во Западен Балкан, регион каде сеуште има значителни недостатоци. Надоврзувајќи се на претходните активности на овој план, посебен акцент ставаме на обновливите извори на енергија и заради тоа ја проширивме листата на можни учесници, со вклучување на јавниот сектор, каде постои голем неискористен потенцијал за заштеди,” изјави Анка Јоана Јонеску, претставник на ЕБОР за Македонија.
Новата програма претставува продолжување на успехот постигнат со 60-те милиони евра од кредитната програма WeBSEFF II, воведен од страна на ЕБОР во 2009 година, и со учество на осум банки од регионот. Во Република Македонија, до сега се финансирани 38 проекти за енергетска ефикасност и обновлива енергија, во вкупен износ од 12 милиони евра. ЕУ обезбеди финансирање за програмата во форма на грантови.
Слично
