ДЗС вели дека попишувањето продолжува во нормален тек по четири дена со прекини
Државниот завод за статистика објави дека попишувањето се одвива со нормален интензитет и темпо. Ваквото соопштение следува по пауза од четири дена во кои беа регистрирани технички проблеми.
Од таму посочуваат дека при спроведување на големи акции, со користење на високософистицирана технологија, нормална е појавата на прекини од ваква природа.
-Во последниве денови се појавија голем број шпекулации околу тоа како се спроведува попишувањето во државата и со какви проблеми се соочува Државниот завод за статистика во теренските активности. При спроведување на големи акции од типот на попис, со користење на високософистицирана технологија, сосема нормално е да се појавуваат технички проблеми кои се надминуваат во од, односно во најкус можен рок, наведува организаторот на статистичката операција.
Од таму додаваат дека зад оваа статистичка операција стои експертски тим за поддршка кој им стои на располагање на попишувачите и кој во живо го следи процесот на попишување на терен и интервенира во истиот момент доколку се појави некој проблем.
