Џамбаски бара да се одземе бугарско државјанство на македонски политичар
Во Бугарија има иницијатива да се одзема државјанство на оние македонски граѓани кои земале бугарски пасоши.
Заменик-претседателот на ВМРО, Ангел Џамбаски, ќе поднесе предлог до владата како да им се дава бугарско државјанство на граѓаните на Северна Македонија, но и како да им се одзема на тие што водат во антибугарската реторика и „го оцрнуваат името на Бугарија“. Тој зборува за македонски политичар, но не спомена име.
„Наредните денови ќе му испратам барање на претседателот да му се одземе бугарското државјанство на еден од најжестоките граѓани на Република Бугарија, со најжестоки антибугарски изјави. Човек за кој ние од организацијата бевме сведоци како ласкаше на панихидата на Тодор Александров, какви работи рече, што рече во Скопје и кога го поканив тука во Брисел. А, и присуствуваше на нашите настани, каков Бугарин беше“.Сега постојано плука по Бугарија, и јас ќе го замолам претседателот ова државјанство да му биде одземено, поништено. И веруваме дека во иднина секој што дозволува таква политика ќе биде лишен од бугарско државјанство затоа што тој не го заслужува тоа“, изјави Џамбаски.
Најави и предлог за закон со еднократен ефект, со кој ќе се врати државјанството на сите наследници на поданиците на Кралството Бугарија од 9.9.1944 година или до референдумот, кога Бугарија станала комунистичка република.
65.675 граѓани на Република Северна Македонија се стекнале со бугарско државјанство со декрет на потпретседателот за последните 10 години. Овие податоци ги изнесе министерката за правда на Бугарија, Десислава Ахладова, на пратеничко прашање во бугарскиот парламент.