ЏАКУЗИ, ЛУКСУЗ И ПАНОРАМСКИ ПОГЛЕД НА СКОПЈЕ: Еве какви се становите на Груевски што ќе се продаваат по цена од 2,46 милиони евра
Луксузните станови на поранешниот премиер Никола Груевски во комплексот „Панорама резиденс“, кои беа запленети во предметот „Плацови на Водно“, повторно се ставени на јавна продажба. Државата ќе организира разгледување на недвижностите на 16 јули, додека јавното наддавање е закажано за 29 јули.

Станува збор за три висококатегориски апартмани со големи површини, пространи тераси и атрактивна локација со поглед кон Скопје. На фотографиите објавени од Агенцијата за управување со одземен имот се гледаат модерно уредени простории, луксузна опрема, големи стаклени површини, како и џакузи поставено на една од терасите.
Два од апартманите имаат станбена површина од околу 200 квадратни метри, со дополнителни тераси од речиси 50 квадратни метри. Почетната продажна цена за секој од нив е утврдена на 850.000 евра, односно околу 4.250 евра за квадратен метар.

Третиот апартман е нешто помал, со околу 150 квадратни метри станбена површина и голем балкон од 95 квадратни метри. Неговата почетна цена изнесува 760.000 евра.
Со продажбата на трите недвижности, државата очекува приход од најмалку 2,46 милиони евра. Сепак, поради високите почетни цени, се очекува заинтересирани да бидат пред сè купувачи со значителна финансиска моќ.

Ова не е првпат овие апартмани да бидат понудени на продажба. Претходните обиди завршија без купувач, додека државата веќе реализираше продажба на други два стана поврзани со Груевски, кои се наоѓаа на улицата „Бихаќка“ во центарот на Скопје.

Недвижностите беа одземени по судската постапка за предметот „Плацови на Водно“, во кој поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на девет години затвор. Предметот се однесуваше на незаконско присвојување на 1,3 милиони евра од партиски донации и нивно користење за купување земјиште и изградба на недвижности.

Фото: Агенција за управување со одземен имот
