ЏАФЕРИ ЗА СПОРОТ СО ГРЦИЈА: Подготвен сум да се вклучам во решавање на проблемот со името
Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека не ја исклучува можност да се вклучи во решавање на спорот кој го има Македонија со соседна Грција околу името на државата. „Ако надлежните институции сметаат дека е неопходно вклучување на претседателот на Собранието во процесот на преговарање, разговарање и изнаоѓање соодветно решение околу тоа прашање зошто не би“, рекол Џафери. Тој напомена дека тој е претставник на официјална државна институција, Собранието на Македонија и дека во тој контекст во крајно можно решение би било нормално да биде вклучен и парламентот, имајќи предвид дека одредени одлуки секако минуваат низ парламентарна процедура. На прашањето како го гледа начинот на кој би бил решен деценискиот спор на двете соседни земји околу името, тој рекол дека „како претседател на Собранието не би се впуштил во анализа на тоа прашање“. Според неговите зборови постојат „надлежни институции кои го водат тој процес под покровителство на ОН“. „Во тој контекст сувишно би било какво мое изјавување по тоа прашање“, рекол претседателот на Законодавниот дом.
