Економија, финансии, бизнис

Контакт

Џафери пишува писма до Иванов, СДСМ и ДУИ ги токмат министрите!

Џафери пишува писма до Иванов, СДСМ и ДУИ ги токмат министрите!

Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов треба најдоцна до 19-ти овој месец да го додели мандатот за формирање Влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Овој нов рок тече по вчерашното објавување на одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, во Службен весник. Откако по објавувањето на одлуката во Службен весник, се отворија дилеми од кој датум ќе тече рокот од десет дена кога претседателот Иванов треба да го додели мандатот, новиот собраниски спикер Џафери испрати второ писмо до претседателот Иванов да го извести дека е формирано парламентарно мнозинство и дека рокот од десет дена тече од вчера односно од денот кога се објави одлуката за неговиот избор во „Службен весник“. Првата  собраниска седница Џафери планира да ја свика по истекот на рокот од 10 дена за доделување на мандатот. 

Засега од кабинетот на претседателот Иванов нема коментар.Иванов неодамна порача дека за доделување на мандатот, од парламентарното мнозинство бара гаранции за зачувување на унитарноста на државата. Во наредните десет дена се очекува претседателот Иванов да го повика лидерот на СДСМ, Заев за уште еднаш да добие гаранции за зачувување на унитарноста.  

Според дел од правните експерти претседателот Иванов не треба да чека десет дена за да го додели мандатот за формирање на Влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев, оти устваните услови се исполнети. 

„Рокот за доделување на мандатот тече по објавување на одлуката во Службен весник за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието . Односно од вчера во нареднте десет дена претседателот на Собранието треба да се произнесе по повод службеното обавестување на претседателот на Собранието, дека е обезбедено парламентарно мнозинство.Но со оглед на фактот дека досега се поминати неколку рокови за избор на на Влада, мислам дека, а и така треба да постапи претседателот на државата, не треба да чека десет дена. Тој може да се определи со своја конкретна одлука, со конкретен акт, околу доделувањето на мандатот и првиот и вториот и третиот ден по објавувањето на одлуката во Службен весни,  а не да се чекаат десет дена. Значи треба што побрзо да се формира Владата, истечени се повеќе рокови, а ние сеуште немаме Влада.Мислам дека претседателот на државата Иванов  овој пат ќе постапи уставно и својата одлука ќе ја базира на Уставот, а Уставот го задолжува претседателот на државата да го довери мандатот на претставникот на коалција, во конкретниов случај на Зоран Заев,  бидејќи се исполнети уставните услови за пристапување кон постапката за избор на Владата“, вели универзитетскиот професор Осман Кадриу.

Инаку ЈП „Службен весник“ ја отпечати одлуката за Џафери после шест дена откако го доби дописот со одлуката  избор на Џафери за собраниски спикер,  потпишана од заменик генералниот секретар на Собранието Неџбедин Ибраими и од претседавачите на собраниската седница Ферид Мухиќ и Горан Мисовски. За дел од експертите беше нејасно зошто претпријатието чекаше шест дена за да ја отпечати одлуката, кога се работи за одлука која не подлежи на дополнителни разгледувња, особено што и  во минатото имало случаи кога се печателе вонредни изданија на Службен весник дури и во викенди. Дилемите дополнително со отворија и поради фактот што за  печатницата „Графички центар“ која го печатеше весникот денеска има судско рочиште за отворање на стечајна постапка. 

Џафери беше избран за претседател на Собранието од новото парламентарно мнозинство на 27-ми минатиот месец, а неговиот избор резултираше со насилства во Законодавниот дом, во кои од страна на демонстрантите од „Заедничка Македонија“ крвнички беа тепани пратенците од новото парламентарно мнозинство, а не беа поштедени ниту новинарските екипи и вработените во Собранието. Уште вечерта изборот на Џафери за претседател на Собранието беше поддржано од мешународната заедница. Откако ќе помине рокот од десет дена, потоа рок од 20 дена новиот мандатар треба да го извести собранискиот спикер за програмата и за составот на новата Влда. 

Што доколку Иванов повторно не го даде мандатот на Заев?

Иако поголемиот дел од екпсертската јавност, но и новото парламентарно мнозинство очекуваат дека овој пат претседателот Иванов ќе му додели мандатот на Заев, сепак останува отворено прашањето што доколку Иванов не постапи така. Правните експерти велат дека, постои начин и во услови претседателот да не го додели мандатот,  повторно да се формира Влада.  

„Овде станува збор за должност на претседателот , таа должност е уставна, не е должност предвидена со акт на месна заедница , туку должност предвидена со самиот Устав, највисок правен акт.Ако повторно се определи да не го довери мандатот, тогаш Парламентот со оглед на тоа дека сега имаме парламентарно мнозинство треба да отпочне друга постапка за избор на Владата, а таа постапка да биде повторно базирана на Устав и на наша позитивна регулатива. Која постапка и како ќе се спроведе, тоа е надлежност на самиот Парламент.Во нашиот Устав е нагласено дека Владата се бира во Парламентот, и затоа велам дека во тој случај Парламентот ќе најде начин и модел на кој начин ќе ја спроведе таа постапка за да се формира нова Влада“, вели универзитетскиот професор Кадриу.

Неодамна и новиот собраниски спикер Џафери, изјави дека нова Влада ќе се формира и доколку претседателот Иванов повторно не го додели мандатот на Заев.

Т.С


Слично

Поврзани вести