ЏАФЕРИ НЕ ЗНАЕ ДАЛИ ДУИ ЌЕ ИМА СВОЈ КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ - еве што вели техничкиот премиер за Таравари
Јас сум премиер и ја претставувам Владата, не Демократската унија за интерграција, кажа техничкиот премиер Талат Џафери откако беше прашан дали на претстојните претседателски избори ДУИ ќе оди со самостоен кандидат за претседател.
Џафери на прашањето за канидат на новинарите им посочи дека треба да одат да прашаат во седиштето на партијата во Мала Речица.
- Ќе одите до Речица и ќе седнете да разговарате со лидерот. Јас сум премиер и ја претставувам Владата, а не Демократската унија за интеграција - посочи Џафери.
Воедно претседателот на техничката Влада посочи дека не чувствува потреба да коментира одлуки на политичките партии кој ќе им биде кандидат на претстојните претседателски избори.
- Не чувствувам јас потреба да коментирам одлуки на политичките партии така што непотребен би бил било каков коментар од моја страна - посочи Џафери во одговор на новинарско прашање за коментар за информацијата дека Арбен Таравари ќе биде еден од кандидатите за претседател на државата, при денешната посета на општина Липково.
За тврдењето дека не треба да се одржуваат промотивни настани како денешниот во градинката во Матејче откако се распишани изборите рече дека се уште не сме влезени во периодот кога тоа е ограничено.
- Законот забранува 20 дена од отпочнувањето на официјалната кампања така што се уште не сме во тие 20 дена пред отпочнувањето на официјалната кампања. Претседателските избори се закажани за 24 април што значи дека некаде на 4 април почнува официјалната кампањата и фактички не сме во тие 20 дена пред тоа - појасни Џафери.
