Џафери: Не молaм никого, најмалку Иванов
"Не молaм никого, најмалку Иванов. Според законот сум должен да чекам 10 дена. Нема што да се молиме. Од 20-ти натаму се ќе зависи од волјата на мнозинството во парламентот", рече на брифинг претседателот на Собранието Талат Џафери.
На прашањето дали ако се формира влада без да има даден мандат од претседателот, очекува нови немири и протести, Џафери рече:
"Не исклучувам ништо, граѓаните имаат право да протестираат, но апелирам за тоа дека е беспредметно и погрешно да се повторува 27 април".
Џафери очекува дека Иванов ќе му даде мандат во утврдениот рок, а "варијантата да не го даде без објаснување, ќе значи дека го крши уставот".
По устав, претседателот на земјата е должен да врачи мандат во рок од 10 дена, без разлика дали сака или не. Мандатоносителот има рок од 20 дена да подготви предлог за влада и да го претстави пред Парламентот, а претседателот на законодавниот орган во рок од 15 дена треба да свика седница за избор на владата.
Претседателот на парламентот Џафери смета дека треба да се создаде анкетна комисија за настаните од 27-ти април, која ќе ги истражува нанесените штети и ќе посочи од кого треба да се бара политичка одговорност.
Џафери посочи дека иако беше кажано дека првата седница на парламентот ќе е за формирање влада, ако добие од парламентарните партии предлог за определување на датум за локалните избори, ќе свика седница, бидејќи мандатот на градоначалниците и општинските совети истекува во недела.
