Џафери ја свика конститутивната седница: Дали ќе го каже и првиот збор
Првата конститутивната седница на новиот парламентарен состав ќе се одржи на 4 август идниот вторник во 12 часот. Претседателот на Собранието Tалат Џафери го потпиша Решението за свикување на седницата. Со оглед на тоа што тој во моментов е во болница останува неизвесно дали и тој ќе преседава со седницата. Има различни но непотврдени информации, но останува можноста, ако е подобар, Џафери сепак да го каже првиот збор и на оваа седница.
Јавноста имаше можност да го види вчера вечерта на фотографија која на фејсбук ја објави неговиот сопартиец вицепремиерот Бујар Османи кој заедно со Неџати Јакупи му беше во посета во болничката соба на Инфективната клиника.
Ако не дојде Џафери, седницата треба да ја води најстариот пратеник Стојан Миланов од Социјалистичката партија.
Инаку седницата треба да се одржи по протоколи и критериуми кои ги наложува Комисијата за заразни болести. Седницата ќе биде во големата сала и секој од нив ќе носи маска.
