Џафери: Институциите на ЕУ не се бават повеќе со прашањето „Иванов“
Талат Џафери, собранискиот спикер, денеска пред новинарите истакна дека шефот на државата Ѓорѓе Иванов вратил вкупно 15 закони на повторно гласање во Собранието, но дека на тоа Европската унија нема да има забелешки пред одлуката за датум за преговори во јуни. Според претседателот на Собранието, од таму „не се бават повеќе со прашањето Иванов“.
- Во тој контекст сметам дека е дадена соодветна гаранција до ЕУ дека тие закони ќе заживеат и ќе бидат активни. Сметам дека ЕУ и институциите на Унијата не се бават повеќе со прашањето Иванов знаејќи дека е на крајот на мандатот и ништо друго не може ни да очекуваат освен вакво однесување. Но, во секој случај ние како собрание сме подготвени да ги завршиме нашите обврски - изјави Џафери.
Тој потврди дека најмалку три од вратените 15 рефорски закони кои ги бара ЕУ нема да бидат прегласувани затоа што се донесени со двотретинско мнзоинство.
- Првата група се закони што се донесени на 28 февруари, втората група се закони што се донесени на 4 март и третата група се донесени на 7 март, што значи првата група и прва седница што морам да ја свикам на која ќе бидат ставени првата група закони е најдоцна 28 март. Имајќи предвид дека на тој датум е седница за пратенички прашања, може да очекувате ден порано да се свика таа седница и да се исполни рокот од 30 дена, но тоа не значи дека законите од 4 и од 7 март треба да чекаат да се исполни рокот од 30 дена, и тие закони може да ги ставам на истата седница оти се во рокот од 30 дена откако се донесени и вратени, вели Џафери.
