Џафери и европратениците ЗА зголемената контрола врз извршната власт која инаку ќе подлегне на корупција
Монтескје направил поделба на власта на извршна, законодавна и судска. Оваа поделба треба да алудира на јасно оделени активности и прецизна контрола.
При посетата на европратениците кои дојдоа во Собранието на РМ за да пренесат искуство во однос на контролата на буџетот во Унијата, Талат Џафери кажа дека многу е важно Собранието да врши контрола на извршната власт за тоа како таа ги троши државните пари зашто во спротивно Владата станува моќна и подложна на корупција, а од тоа имаат корист само тесен круг на политичари и бизнис елити.
„И ако сме барем малку самокритични ќе си признаеме дека кога станува збор за надзорната улога воопшто на Собранието врз извршната власт, особено кога се работи за контрола врз трошењето пари од државната каса, ние заостануваме од тоа што е вообичаена практика на високоразвиените демократски држави“, рече Џафери.
Европратеникот Игор Шолтес сподели некои практики за тоа како се контролира извршната власт во други земји и како се формираат различни комисии за контролирање на текот на парите.
„Не е важно само да се добие грантот и парите за земјите, туку и да се следи патот на овие пари за да се најде сигналот на каков било ризик за корупција кој можеби постои или какви било неправилности. Националните парламенти играат мошне важна улога во ова, почнувајќи од комисиите за буџет, но и за контрола на буџет“, изјави Шолтес.
Но додека европските парламентарци делеа совети, нашите пратеници, барем на почетниот дел од расправата немаа прашања, веднаш побараа пауза за да се подготват.
Годинава буџетот на Европската Унија изнесува 155 милијарди евра. Македонија има буџет од 3,44 милијарди евра, пишува 24 Вести.
