„ЏАФЕРИ ДОБИ КАЗНА ПОРАДИ ИСТОВРЕМЕНО ВРШЕЊЕ ДВЕ ФУНКЦИИ“: Левица бара доследно почитување на законите
Опозициската партија Левица објави дека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) изрекла казна за поранешниот спикер во Собранието, Талат Џафери, откако утврдила дека незаконски извршувал две неспоиви функции истовремено.
- Постапката против Џафери беше поведена по иницијатива на Левица, која уште во јуни 2024 година поднесе претставка до ДКСК за судир на интереси поради неспоивост на функции, бидејќи Џафери истовремено беше претседател на Владата и пратеник во Собранието. Иако Левица инсистираше на итно отстранување и санкционирање на ова флагрантно прекршување на низа законски и уставни одредби, како и начелото за поделба на власта - Антикорупциската комисија реагираше дури по неколку месеци, откако фактичката состојба веќе беше изменета, и изрече, за жал, смешна глоба - нагласуваат од Левица.
Од партијата велат дека иако за отстранување на оваа состојба, апелирале и до собранискиот спикер, Африм Гаши, кој според нив, бил должен веднаш да констатира престанок на мандатот на Џафери, сепак, потенцираат дека Гаши одбил да постапи по ова барање на пратеничката група на Левица. Поради сето ова Левица му поднесе и кривична пријава за несовесно работење во службата, а дополнително - една од седумте точки на која Левица ја засноваше, за жал, неуспешната интерпелација за Гаши беше и токму ова непостапување.
- Ова не е прв пат Џафери да биде санкциониран по иницијатива на Левица. Тој исто така беше казнет од Антикорупциската комисија и откако Левица поднесе претставка за неговото истовремено вршење на неспоиви функции: претседател на Собранието и член на претседателството на ДУИ. Против Џафери имаме поднесено бројни претставки, кривични пријави, иницијативи пред Уставниот суд и Интерпелација во текот на минатиот мандат. Борбата не завршува тука – ќе продолжиме да го разобличуваме секој обид за узурпација и ќе се бориме сè додека правдата не триумфира целосно - заклучуваат од партијата на крајот од соопштението.
Фото: МИА/Архива
