Џафери до Иванов: Не си посилен од законодавната власт
Собранискиот спикер Талат Џафери му порача на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов да не се меша во законодавната власт, по реакцијата на шефот на државата за неговото заобиколување при денешното објавување на Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на Преспанскиот договор во „Службен весник“ без негов потпис на указите.
„Потпишав два укази со соодветните текстови и ги испратив во Службен весник за нивно прогласување. Дополнително објаснив со фуснота за истите зошто имаат само мој потпис. Според процедурите, Уставот не е испочитуван од претседателот на Македонија. Тој како извршна власт не може да се меша во работите, ниту е над законодавната власт . Тоа се мои надлежности и му дадов доволно време за двата укази - една година за првиот и шест месеци за вториот. Очигледно е дека ги помешал лонците, не може тој да поведе постапка против законодавната власт, туку може обратно“, изјави Џафери на дел од новинарските прашања на денешната прес-конференција.
Додаде дека постои законски временски рок од шест месеци Собранието и државни институции да ги извршат измените од Законот за употреба на јазиците со кој албанскиот станува втор официјален во државата.
- Таму постојат предвидени рокови кои институции до кога имаат време да ги спроведат измените, но генерално станува збор за шест месеци - рече Џафери.
Додаде дека истовремено со првиот и вториот круг од претседателските избори на пролет ќе се спроведат и локални избори за градоначалници на Охрид, Дебар и Ново Село.
