ЏАФЕРИ БАРА ПРАТЕНИЦИТЕ ДА БИДАТ ФОКУСИРАНИ: Kако ќе им го задржи вниманието?
Собранискиот претседател, Талат Џафери, денеска им порача на пратениците да бидат фокусирани во следниот период бидејќи ќе се носат важни закони и меѓу другото ќе се расправа за буџетот за 2018 година.
Во спротивно, Џафери предупреди дека ќе ги употреби повторно печатените пораки за да им го задржи вниманието.
Пред локалните избори, на маратонските седници кои траеја до полноќ, Џафери на испечатени фотографии од неговото биро им порачуваше на пратениците „Немојте да го будите заспаниот лав“ или „Тишина ќе ве молам“.
Во новата работна недела Собранието ќе има набиена агенда имајќи ги предвид продолжување на седниците за Законот за јазиците, за носење на буџетот за 2018, за избор на нови членови на Владата и на јавен обвинител.
Пратениците деновиве го усвоија извештајот на Комисијата за политички систем за спроведување на препораките за надминување на констатираните состојби содржани во извештајот на Народниот правобранител за почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2016 година. Со тоа грешката направена претходно беше поправена, односно пратениците не беа фоксуирани при гласањето.
