Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДВОЈНО ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ИСТРАГИ ЗА УБИСТВА - годишниот извештај на обвинителство со поразителни податоци

ДВОЈНО ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ИСТРАГИ ЗА УБИСТВА - годишниот извештај на обвинителство со поразителни податоци

Јавните обвинителства во земјава имаа зголемен обем на работа во текот на минатата година, согласно податоците од Годишниот извештај за работата на обвинителствата кој го објави Јавното обвинителство. 

Имено во текот на 2024 година, основните јавни обвинителства во државава постапувале против вкупно 37.255 сторители на кривични дела, од кои новопримени биле пријави против вкупно 25.909 сторители на кривични дела. 

Споредбата на податоците покажува дека во извештајната година се регистрира значително зголемување на бројот на новопријавени сторители на кривични дела во однос на претходната година, за околу 10 проценти, како во однос на полнолетните сторители, така и во однос на децата.

- Ако се има предвид континуираното намалување и на бројот на јавни обвинители и на бројот на јавнообвинителските службеници во изминатите години, кое продолжи и во текот на извештајната 2024 година, како и недоволниот обем на средства кои се доделуваат за истражните дејствија и за работата на обвинителствата кои се далеку под законски утврдениот минимум, јасно е дека ваквиот зголемен прилив на предмети во јавните обвинителства претставува дополнителен предизвик за капацитетите - е потенцирано во извештајот.

Според официјалните податоци, минатата година биле регистрирани само 35 случаи на примена на посебни истражни мерки, што претставува пад од 60 отсто во однос на 2023 година, кога биле евидентирани 87 случаи. 

И покрај тоа, опфатот на истрагите останува значителен – 363 лица со утврден идентитет, 8 со неутврден идентитет, и 163 предмети на кривично дело, што претставува пораст од 75 отсто споредено со претходната година.

- Се применува покомплексен и понасочен пристап – наместо повеќе мали случаи, истрагите се фокусираат на обемни и сериозни структури - се наведува во извештајот, потпишан од јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

Најчесто користени се мерките за тајно следење и снимање надвор од домот и следење на телефонски и електронски комуникации. Преку овие методи, обезбедени се докази за низа тешки кривични дела, вклучително: неовластено производство и трговија со дрога, перење пари, злоупотреба на службена положба, криумчарење мигранти, трговија со луѓе, терористичко организирање и поткуп.

Од прибраните докази, произлегле истраги, обвиненија, и судски пресуди – во дел од случаите сторителите ја признале вината.

- Забележително е што во две истраги, обвинителството самоиницијативно применило посебни мерки, што се оценува како позитивен тренд на институционална активност, без потреба од иницијатива од МВР.

Мерките не се применуваат лесно – тие се дозволени само кога не постои друг начин за обезбедување докази. Сепак, се укажува дека не се користени некои клучни мерки, како таен увид во компјутерски системи и симулирано отворање на банкарски сметки – што упатува на потреба од технолошко унапредување и проширување на ресурсите - се посочува во извештајот. 

Во заклучокот, Обвинителството предупредува: „Во борбата против модерниот организиран криминал, потребна е континуирана адаптација – како на методите, така и на техничката опременост. Без тоа, резултатите ќе стагнираат.“

Притоа е истакнато дека очигледен е растот на бројот на пријави и предмети за дела од Глава 26 од КЗ – Кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај, вклучувајќи и Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 од КЗ, но и полесните дела од областа на сообраќајот. 

- Раст се забележува и во бројот на примени пријави за дури 40 проценти, но и во бројот на поднесени обвиненија. Ова укажува на неопходноста од јакнење на казнената политика и другите мерки во насока на превенција на овој тип кривични дела - соопшти Јавното обвинителство.

Согласно статистичките податоци, се додава, има зголемување и на бројот на кривични пријави кривични дела против животот и телото, каде влегуваат убиства, тешки телесни и телесни повреди, учество во тепачки, загрозување со опасно орудие при тепачка и караница и други. Особено забележителен раст има во бројот на убиства квалификувани во потежок облик, каде бројот на пријави е речиси удвоен во однос на претходната 2023 година.

Слично

Поврзани вести