Економија, финансии, бизнис

Контакт

Со нов тендер двојно поскапе одржувањето на фонтаните во Скопје

Со нов тендер двојно поскапе одржувањето на фонтаните во Скопје

Хидротек ДООЕЛ Скопје, фирма со управител Мартин Блажовски, го доби новиот договор на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје за одржување на фонтани, со рамка до 35,4 милиони денари со ДДВ, односно над 500.000 евра. Договорот е склучен на 12 месеци, а износот веднаш го отвора прашањето колку навистина чини одржувањето на скопските фонтани и по кој основ сумата расте од година во година.

Според финансиската понуда, Хидротек ќе одржува фонтани на четири локации во Скопје: фонтаната „Воин на коњ“, четирите фонтани кај „Карпошево востание“, трите фонтани кај „Пресвета Богородица“ и фонтаната на „Мост Око“. Во спецификацијата се наведени десетици ставки за секој од овие објекти, меѓу нив чистење на корита и решетки, проверка на пумпи, светилки и командни конзоли, хемиски третман на водата, сервисирање дефекти, зимски прекривки, резервни делови и друга потрошна опрема.

Бројките покажуваат јасен раст во споредба со претходните години. Во 2024 година договорот за одржување на фонтани, кој го добила друга фирма, ПРОТИМ ДОО Скопје, изнесувал 16,52 милиони денари. Во 2025 година сумата пораснала на 28,32 милиони денари. Сегашната рамка оди до 35,4 милиони денари со ДДВ. Тоа значи дека новиот договор на Хидротек е значително повисок од ланскиот и повеќе од двојно повисок во однос на 2024 година.

Ова не е првпат Хидротек да добива вакви јавни ангажмани. Според претходно објавени податоци, фирмата во 2020 година добила договор и од Општина Аеродром за одржување на јавни чешми за пиење вода во вредност од 44.130 евра, а во претходните години склучувала и други договори поврзани со фонтани, чешми и системи за полевање.

Во центарот на оваа набавка останува прашањето зошто ЈП „Водовод и канализација“ повторно ангажира приватна фирма за работа која по својата природа припаѓа на јавно претпријатие. Дополнителна дилема е и дали граѓаните добиваат реална вредност за ваков износ, ако се има предвид дека дел од фонтаните работат сезонски, а во дел од годината се покриени и вон функција.


- Филип Костов

Слично

Поврзани вести