Економија, финансии, бизнис

Контакт

Двојни канидати за градочалници – Внатрепартиска демократија или вовед во валкана кампања?

Двојни канидати за градочалници – Внатрепартиска демократија или вовед во валкана кампања?

Се разгорува битката за освојување партиска кандидатура. Двојни кандидати веќе се најавени во повеќе општини, а се шушка дека ќе ги има и кај власта и кај опозицијата. Популарни градоначалници како Митко Јанчев и Максим Димитриевски се во падни-стани односи со матичните партии. „Мериот коалицијата" му се закануваше на Мицковски со двојни кандидатури на поранешни вмровски градоначалници. Може ли да очекуваме „највалкани" локални избори досега?

„Прво треба да се разграничи меѓу кандидатурите на Митко Јанчев и Максим Димитриевски или други внатрепартиски кандидати, кои се легитимна внатрепартиска конкуренција, и листите „раздели па владеј“.  Постоење на два, три или повеќе кандидати е клучно за демократијата, и внатре партиската и општата. Не може и не смее да биде мерило дали некој кандидат е во добри или лоши односи не со партијата, туку со лидерот, туку дали е добар кандидат и дали може да донесе победа на партијата. Лидери кои се опкружуваат со лојалисти, на крај со послушници, се автократи, таквите партии се патрон-клиентелистички, и порано или подоцна пропаѓаат. Само лидери, и партии, кои имаат капацитет да ги задржат и кадрите со кои не се согласуваат во се, можат да растат и бидат компететивни. Од другата страна се „раздели па владеј“ партиите, листите и кандидатите. Ги практикувале и СДСМ со поттикнување на бројни вмро фракции, ама и ВМРО-ДПМНЕ со сателитски партии или дури листи со слични имиња на ривалските кандидати. Тие листи и партии се дел од „негативна кампања“ чија цел не е да се зголемат своите гласачи, туку да ги намалат тие на ривалската партија. Негативните кампањи стануваат се поприсутни посебно во избори каде отсуствува здрав натпревар“ вели за Фактор политичкиот аналитичар Сашо Клековски.

Може ли двојните кандидати да бидат добар показател за демократскиот капацитет на гласачкото тело. Вообичаено на локалните избори има улога и самиот кандидат, неговата харизма и довербата меѓу локалното население, но често превагнува партиската директива. Може ли да очекуваме изненадувања кои ќе донесат и внатрепартиски потреси?

„Двојни кандидати не можат да бидат показател на демократскиот капацитет на гласачкото тело, бидејќи за избори не треба само кандидати, туку и организација и кампања, а тоа не се гради за неколку месеци пред избори. Независни кандидатури има за општински советници, и тие се прилично успешни, но за градоначалници, освен таа на Стевчо Јакимовски и уште понекоја немало. Верувам дека раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ доколку сакаат победа ќе ги бараат најдобрите кандидати. Не очекувам внатрепартиски потреси пред изборите, но не се исклучуваат потоа. И колку повалкани бидат изборите, толку е поочајна политичката понуда“, потенцира Клековски.

Партиите уште не се тргнати на летни одмори, и со полна пареа веќе ја тераат кампањата. Иако до локалните избори има доста време веќе има тензии. Сите овие средби, трибини и мали митинзи се одржуваат за да се „доближат“ до народот и да ги чујат нивните потреби или да опипаат пулс со кои кандидати ќе истрчаат?

„До локалните избори нема многу време, посебно што не се познати кандидатите за градоначалници за повеќето општини, а пак уште помалку кои се клучните кадри за општински советници. Тоа ја скратува можноста граѓаните да ги запознаат кандидатите не само за градоначалници туку и за советници. Кои се луѓето кој го гласаат буџетот на општината, кои проекти ќе добијат приоритет, кои ги одобруваат ДУПовите, и други битни прашања за локалниот живот. И има разлика од обзнанување на кандидатите и водење на кампања. Профилот на кандидатот веројатно повеќе влијае на изборот на локално отколку на национално ниво. И затоа и ВМРО-ДПММЕ и СДСМ по неколку пати прават анкети, што не е случај со кандидатите за пратеници“, заклучува Клековски.

Токму за најжешките градоначалнички фотелји се уште се водат партиски калкулации со кои имиња ќе се истрча, а прашање ќе биде како ќе постапат актуелните градски татковци ако не ја добијат потребната партиска поддршка што ќе ја направи изборната кампања дополнително интересна.

Х.С.


Слично

Поврзани вести