Економија, финансии, бизнис

Контакт

Движењата за сопирање на рудници не се демотивирани, референдумите се задолжителни

Движењата за сопирање на рудници не се демотивирани, референдумите се задолжителни

Дописот кој Министерството за економија го достави до општините во кои веќе се одржаа референдуми против отворање на актуелните проекти за рудници како и потенцијално нови рудници не ги демотивираа граѓанските движења кои се месеци се активни на терен. Без оглед што Министерството за економија ги пренесе законските основи според кои не може еднострано да се раскине договорот за концесија тие тврдат дека референдумите се задолжителни како израз на граѓанската волја и нема да се демотивираат пред следните гласања во општините Босилово и Ново Село, како и потенцијално во други општини каде веќе се доделени концесии за геолошки истражувања кои често финишираат со договори за експлоатација.

Став на Спас за Козјачија

- Референдумот е најмоќното оружје на демократијата. Ниту една власт, во едно демократско општество не смее да оди спротивно од референдумската одлука, која е израз на граѓанската волја. Посебно кога се работи за најважните нешта: животот, здравјето и животната околина. Иако Владата на РМ, се уште јавно нема заземено официален став во врска со референдумските одлуки за отворање на рудниците на смртта, ние нагласуваме дека каква пречка и да се испречи пред нас, ние ќе бидеме одлучни и непоколебливи и ќе одиме до крај, нема да дозволиме отворање на рудник на смрт во близина на нашите домови. Топло се надеваме дека Владата ќе ја испочитува волјата на граѓаните. Профитот на странските инвеститори не е поважен од нашето здравје, дури и ако нашата Влада е принудена да плаќа пенали за поништување на договор, ги охрабруваме да го сторат тоа. Тоа ќе бидат наши пари, и подобро да платиме со пари наместо со здравје, велат од Спас за Козјачија кои се активни за стопирање на плановите за потенцијална изградба на рудник во Старо Нагоричане..

Став на Здрава Котлина

ПРОВОКАЦИЈА И ДЕФОКУСАЦИЈА

Го примивме на увид денешното соопштение на Министерството за економија, потпишано од министерот Кресник Бектеши, во кое стои дека (според мислењето на министерот, секако) „нема основ за едностран раскин на договорот за концесија од страна на Владата на Република Македонија заради реализиран референдум или граѓанска иницијатива против започнувањето со експлоатација на веќе доделени концесии за експлоатација на минерални суровини...“

Нашиот одговор е следниов:

Закон за референдум, Член 8 став 2 (цитираме): Одлуката донесена на референдумот за одлучување е ЗАДОЛЖИТЕЛНА.

Во врска со другиот параграф од соопштението, во кој се наведува дека „Владата на Република Македонија, заедно со Министерството за економија во соработка со сите засегнати страни, ќе треба најпро да обезбеди стручни мислења и анализи, а потоа да се најде решение во рамките на законот“, нашиот одговор е следниов:

Како засегната страна, уште отсега ја даваме нашата стручна партиципација. Имено, Закон за референдум, Член 8 став 2 (цитираме): Одлуката донесена на референдумот за одлучување е ЗАДОЛЖИТЕЛНА.

Толку.

Инаку, ваквото соопштение не е неочекувано, ниту изненадувачко, а најмалку има потреба од паника. Го сметаме, од една страна, за намерна провокација, која има за цел демотивирање и психолошка опструкција за претстојните референдуми во Валандово и Струмица (Босилово, Ново Село). Исто така, прашуваме дали е ова официјален став на Владата на РМ, или само на министерот Бектеши? Дали е ова став (и) на СДСМ или само на ДУИ? Дали можеби навистина е на повидок голема рударско-цијанидна коалиција ВМРО-СДСМ-ДУИ-КОНЦЕСИОНЕРИ, како резултат на работата на внатрепартиските лоби групи, „поттикнати“ од крупниот рударско-корпорациски капитал?

Другиот аспект на соопштението е тоа што тоа е фрлено како димна бомба на политички зовриената сцена, со намера да послужи како дефокусација. Ние како надполитичка и надпартиска иницијатива нема да дозволиме да бидеме вовлечени во таа игра.

Следствено, на господинот министер Бектеши и друштвото им благодариме на дополнителната мотивација. Референдуми ќе има, како што знаете, а и резултатите ги знаете. И ќе си постапите соодветно на тие резултати, велат од движењето Здрава Котлина кои се активни во струмичкиот регион и се борат за одржување на референдуми против рудникот Иловица и други нови слични проекти.

Автор: Христијан Станоевиќ

Слично

Поврзани вести