ДВЕТЕ СЕМЕЈСТВА ИМАЛЕ ОДЛИЧНИ ОДНОСИ, ДЕТЕНЦЕТО ЧЕСТО ИМАЛО КОНТАКТИ СО КУЧЕТО? - се истражува како дошло до несреќата
Роднини на несреќното починато осумгодишно дете, кои до смрт беше искасано од домашно куче, за Телма ТВ, раскажале дека детето често си играло со кучето откако пред четири години со неговото семејство се доселиле да живеат во Пинтија.
Двете семејства имале одлични меѓусоседски односи, а осумгодишното дете често имало контакти со кучето, се до вчерашниот напад, кој за него бил кобен.
Според очевидци на местото на инцидентот доцна синоќа излезен бил јавен обвинител и екипи на МВР кои се обиделе да го заловат разбеснетиот миленик за кој сопственикот имал соодветна документација. Извори од истрагата за Телма информираат дека сопственикот на англискиот бул мастиф вчеравечер веднаш бил повикан на информативен разговор во полициската станица.
„Вчера, околу 18:25 часот од УК за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ е добиена пријава дека кај нив е донесено малолетно лице, дете на осумгодишна возраст коешто подлегнало на повредите по напад од куче. Веднаш е известен и надлежен јавен обвинител по чијашто наредба телото е дадено на обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, изјави Тони Ангеловски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавност.
Знакот „пази куче“ е воочлив на влезот од дворот на сопственикот.
