ДВЕ НОВИ ГРАДИНКИ: Весковски ветува градинки кај Алуминка и покрај Вардар
По една нова детска градинка во зоната покрај реката Вардар и на просторот околу некогашна „Алуминка“, ветува Душко Весковски кандидат за градоначалник од СДСМ во својата програма. Со ова, како што вели, значително ќе се подобри капацитетот и квалитетот на грижата за најмладите карпошани.
„Тоа, пред сѐ, ќе значи згрижување на сите дечиња од предучилишна возраст што се на листите на чекање, но и можност за отворање нови работни места. Новите детски градинки ќе бидат во согласност со најновите стандарди, енергетски ефикасни, со многу зеленило, и со површини за спроведување рекреативни и спортски активности на дечињата во текот на нивниот престој. Дополнително, во рамките на можностите и потребите, ќе извршиме и реконструкција на постојните капацитети во детските градинки, со цел подобрување на условите за вработените и за дечињата што се згрижени во нив, информира Весковски.
Додава дека проектите што се предвидуваат треба да придонесат за зајакнување на
капацитетите на постојните основни училишта и детски градинки, за зајакнување и интензивирање на примената на спортот и различните спортски дисциплини во рамките на основните училишта, за поддршка на воннаставните активности и културното издигнување на младите генерации, за инклузија на децата со посебни потреби во сите сегменти, за размена на знаење и искуства преку остварување соработка и партнерства со други училишта од Градот, Републиката, Балканот и Европа.
