Две компании се јавиле на тендерот за набавка на амбулантни возила, една е механичарска работилница
На јавниот оглас на Министерството за здравство за набавка на 100 амбулантни возила се пријавиле „Аутомотив груп“, компанија која е увозник на „Рено“, „Нисан“ и „Дачиа“ на семејството Каленикови, и електромеханичарскиот дуќан А.Ц.Е., фирма која не е познато дека увезува, туку се занимава со инсталација на клими и надоградби на комерцијални возила
Набавката е проценета на 6,4 милиони евра, а како што објави 360 Степени, се очекува конкурентите да поднесат приговори до Комисијата за жалби по јавни набавки. Се бараат дизел возила со зафатнина на моторот од максимум 2000 кубни сантиметри. Ова во старт водело кон стеснување на конкуренцијата, со оглед на тоа што дел од добавувачите во земјава нудат возила што можат да бидат амбулантни, но се со поголема зафатнина на моторот од 2000 кубици.
Од Министерството за здравство го правдаат условот со аргумент дека дизел-моторите до 2000 кубни сантиметри биле од понова генерација и загадуваат и трошат помалку од нешто поголемите. Министерот за здравство, пак, најави дека ќе го сменат секој услов за кој ќе добијат аргументирани барања.
