ДВАЈЦА ФИЗИЧАРИ ЌЕ РАБОТАТ НА АКЦЕЛЕРАТОРОТ ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА: „Очекуваме од МЗ да добиеме пари и за дополнителната опрема“, директорката Ивановска за Фактор
По извештајот на
Државниот завод за ревизија дека во Клиничката болница Битола со години стои
неупотребуван акцелератор, апарат наменет за болните од карциноми, во јавноста
не стивнуваат коментарите во насока дека ова е уште еден голем удар во
македонското здравство, особено по случајот со Клиниката за онкологија.
Во обид да добиеме одговор дали овој вреден апарат ќе профункционира, Фактор поразговара со со д-р Елизабета Ивановска, директор на Клиничката болница Битола, која рече дека веќе е почната постапката со Министерството за здравство од каде што добиле ветување дека ќе добијат средства за дополнителната опрема која е потреба за акцелераторот.
- Веднаш откако беше укажано од страна на ревизорите дека линеарниот акцелератор треба итно да се стави во функција, ние се обративме до Министерството за здравство од каде што добивме уверување дека ќе добиеме средства за дополнителната опрема. Освен тоа веќе е отпочнато со проверки и контроли на самиот апарат, како и на сета инсталација. За да почнеме да работиме секако ќе помине извесен период, но повторувам, ние сме во постојан контакт со Министерството за здравство и постапката е веќе почната. Инаку, со линеарниот акцелератор ќе работат двајца дипломирани физичари, тие се вработени во Клиничката болница Битола, но прво ќе поминат соодветна обука. Откако е инсталиран апаратот, обука не е направена. За нашите физичари ќе биде обезбедена потребната обука веднаш штом целосно се инсталира и се направат сите проверки пред да се стави во употреба апаратот.
Инаку, апаратот кој е вреден 1,6 милиони евра е набавен уште во 2012 година, а потоа за неговата инсталација, односно изградба на бункер, како и за набавка на онколошки информациони системи, системи за запишување и верификување на радиотераписки третман, од 2013 до 2017 година се дадени уште над милион евра.
Истовремено, пак на Клиниката за онкологија пред неполни три недели почнаа активностите околу деинсталација на 20-години стариот линеарен акцелератор, со цел да се стави во функција апаратот што е купен пред седум години.
-Министерството за здравство ангажираше професионална компанија за деинсталација на постојниот акцелератор. По деинсталација на апаратот ќе следат активности за адаптација и реновирање на бункерот и инсталација на новонабавениот апарат. Министерството за здравство информира дека и покрај овие активности на клиниката нема да се наруши работата со пациенти и таа ќе се одвива непречено. На оваа клиника во функција се уште три апарати за радиотерапија.
Во однос на случајот со Онкологија, поранешни министри за здравство наредната недела ќе бидат први на распит пред Анкетната комисија.
Освен екс министри, Комисијата ќе повикува и актуелни и поранешни директори на оваа здравствена установа, но и други функционери кои би имало што да кажат сво врска со целиот случај на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Анита Буховски
