ДУШАН ПЕЦОВСКИ ЈА ЗАСИЛУВА СВОЈАТА ПОЗИЦИЈА ВО РЕПЛЕК – семејството со нова „набавка“ по само неколку дена
Направена е уште една трансакција на акции на фармацевтската компанија „Реплек“, со која се засилува позицијата на семејството Пецовски во компанијата.
По неодамнешната објава на Македонска берза со која беше обзнането дека Владимир Пецовски купил акции од „Реплек“, на берза излезе најново соопштение во кое компанијата објавува дека претседателот на Управниот одбор, кој воедно е и генерален директор на компанијата, Душан Пецовски се стекнал со нови акции.
Постапувајќи согласно правилата за котација на Македонска бреза, Реплек објави соопштение со кое посочува дека генералниот директор купи 200 нови акции, со што сега има 12,29 проценти од вкупниот број на акции на компанијата.
- Акционер со над 5 отсто, Пецовски Душан воедно Претседател на Управниот одбор и Генерален директор на Реплек АД Скопје, се стекна со 200 нови акции, со што поседува вкупно 31.850 или 12,29 проценти од вкупниот број на акции – се посочува во соопштението.
Иако не е објавено по која цена генералниот директор ги купил акциите, податоците кои ги објавува берзата покажуваат дека на последниот ден на тргување просечната цена на акциите на компанијата достигнала 15.095,02 денари.
За потсетување, пред неколку денови исто така со објава на Македонска берза беше соопштено дека нови акции купи Владимир Пецовски, брат на Душан. Покрај него, акции купи и Коста Котески кој е заменик генерален директор.
Имено Владимир Пецовски, кој е еден од поголемите акционери на скопската фармацевтска компанија се стакна со нови 40 акции и тој сега поседува 16.500 или 6,37 проценти од почетниот капитал.
Додека Котески, заменик генерален директор, купи 10 акции и сега поседува вкупно 390 обични акции.
На овој начин и двајцата повремено ја манифестираат довербата во стабилноста и перспективноста на „Реплек“.
Според ЦДХВ, главни акционери во Реплек се браќата Пецовски, кои ја презедоа управата, со висок процент се и Настел ДООЕЛ, Сава пензиски фонд, Ситко Антонио, Биотек ДОО Скопје...