Дурловски: Ништо не сторивме, но можеме да ја поддржиме Силјановска
Оперскиот изведувач Игор Дурловски на денот кога се одбележуваше две години од упадот во Собранието ги повика граѓаните да и дадат поддршка на Гордана Силјановска Давкова како кандидат за претседател на Македонија.
- Убеден сум дека кандидатот професорката Силјановска- Давкова е личност со интегритет, знаење, искуство, истрајност, смиреност и верувам дека со сигурност ќе ја подобри состојбата а борбата за Македонија ќе биде во предност а не во загуба. Ве повикувам освен разум, да најдеме и верба. Денешната саможртва можеби подразбира нијансирање на нашите ставови. Моето чувство ми вели дека нашата борба ќе ја добиеме на крајот. Мојот разум ми кажува дека истата ќе ја добиеме ОБЕДИНЕТИ, напиша Дурловски на својот профил на Фејсбук.
Тој е единствениот што успеа да ја докаже својата невиност за настаните на 27 апри, а во своето обраќање на социјалните мрежи истакна дека не било можно да се стори „ништо повеќе од тоа што можело да се стори“ и дека е време да се гледа кон иднината.
- Што можев, што сторив, што треба да сторам? Драги пријатели, знаете каде бев дента кога ни го променија ИМЕТО? Дома, пред телевизор. Гледав директен пренос.Што можев да сторам? Многу! Можев со лична саможртва, симболичен акт на отпор, додека ме држи свест да пробам…можев да излезам ,,пред тенковите”, да се ,,качам на споменикот и самозапалам”, можев да… што сторив?НИШТО.
Затоа што разумот го бираше патот кој нема да ја загрози мојата слобода( процесот за настаните од 27ми април беше во тек) , моето семејство, моето/нашето здравје… свесен дека со тоа нема ништо да променам, но човек сум и човечки е во таква состојба да го користиш разумот.
Чувствувам и верувам дека борбата за Македонија треба да се префрли на друго ниво, надвор од сите хиерархии кои се ранливи сами по себе, далеку од сите познати методи и идеи, бидејќи е ПОГОЛЕМА. Само со секојдневна борба на секое поле, до најситен детаљ, за секој Македонец; ,,борба за совршенство”, борба за иднина. Мораме да се подобриме самите, мораме да ги натераме најблиските да се подобрат, мораме да ги ставиме најпаметните, најучените, најиздржливите…да не водат. И таа борба да се води секаде околу нас. И дотука знам дека ќе се сложиме, истакна Дурловски.
