Дурловски по долго размислување одлучи дали ќе поднесе амнестија
Оперскиот пејач Игор Дурловски по долго размислување одлучи на последниот ден од рокот за поднесување барање за амнестија да не го стори тоа и да „ја тера правдата регуларно“. Водачот на протестот „За заедничка Македонија“ кој е обвинет за поттикнување на толпата на 27 април во Собранието имаше пет дена рок за размислување откако законот за амнестија стапи во сила.
„Почитувани, наместо молба за помилување, ја споделувам со Вас мојата одлука да продолжам со борбата за докажување на мојата невиност за обвинението за кое ми се суди.
Секоја борба носи свој ризик, а со оваа постапка го ставам на ризик и мојот и животот на моите најмили, но, убеден сум дека ме разбираат зошто ова е важно, да се бориме за своите принципи, за правда, доследно и храбро.
Се надевам дека со оваа одлука ќе и ја одземам можноста на политиката да се постави над правичноста и судството. Во свое име и во име на моите пријатели од „Заедничка Македонија“ и на илјадниците чесни и мирољубиви граѓани кои ги исполнуваа улиците со љубов кон татковината.
Ја отфрлам можноста да бидам дел од селективна правда и понатамошни интриги со криење позади превезот на Вашето политичко „помирување“. Вистинско помирување може да постигнеме само со правда, чест и морал.
Останувам со чисто срце со љубов кон татковината, верба во Бога и надеж за подобра иднина за сите нас“, напиша Дурловски на својот фејсбук профил.
Изминатиот петок за Пресинг ТВ изјави дека се двоуми дали да поднесе барање за амнестија и дека шансите за тоа се 50-50 со веројатност дека одлуката ќе ја донесе за време на викендот.
