Дурловски нема да биде ни професор ни директор, целосно се повлекува
Игор Дурловски кој беше директен организатор на протестите на „За заедничка Македонија“ донесе одлука целосно да се повлече од сите негови јавни функции што значи дека си даде оставка како директор на Македонската опера и балет и по завршување на јунската испитна сесија повеќе нема да предава ниту на музичката академија во Скопје.
„Жалам што сите овие општествени превирања се случуваат во година кога одбележуваме два значајни јубилеи и со кои требаше да создадеме нова страница со врвни уметнички достигнувања. За жал, а можеби некому за среќа, ниту МОБ не беше поштеден од негативните ефекти од наметнатите општествени услови кои се одразија врз целокупната работна атмосфера, расположението на нашата публика, безбедносниот скептицизам на дел од нашите гости-уметници, и ред други помалку значајни нешта“, напиша Дурловски на својот Фејсбук профил.
Тој во објавата потенцира дека ова не бил ниту политички став ниту став за уметничката дејност на Македонската опера и балет.
„За првото секој има право на сопствена определба или неопределба (што секогаш сум го почитувал), а за уметноста сме разговарале со многумина од вас и верувам дека и понатаму ќе го правиме истото во различни пригоди“, вели Дурловски.
Тој во обраќањето на Фејсбук вели дека последен ден на работа во МОБ ќе му биде 25 мај, а на позицијата професор во ФМУ ќе остане до крајот на јунската испитна сесија.

Дурловски најави дека се повлекува од организацијата на протестите по крвавите напади во македонското собрание на 27 април за што рече дека не се надевал никогаш дека ќе има такво насилство, за потоа да се појави на следниот нивни протест но, само како учесник. Во последните десетина дена Дурловски воопшто немаше јавни настапи поврзани со активностите на „За заедничка Македонија“.
Тој го подигна само орденот за заслуги за Македонија кој претседателот Иванов го додели на МОБ, но и ваквиот потег наиде на бројни негативни коментари во јавноста.
