Дури 19 објекти во центарот на Скопје ќе добијат нови фасади
Преку два огласа Градот Скопје бара идејни решенија за нови фасади на дури 19 објекти во строгиот центар. Ќе се менува излгедот на повеќе клучни објекти, меѓу кои поранешото седиште на Комерцијална банка, музичко-балетското училиште, седиштето на Стопанска банка во ГТЦ, Трговските центри „Палома Бјанка“ и „Плаза“, хотелот „Стоун Бриџ“, зградите на „Технометал“, „Фершпед“, Министерството за труд и социјална политика и други кои гравитираат околу плоштадите „ВМРО“ и „Мајка Тереза“.
Градските власти информираат дека планираното реновирање е во согласност со неодамна усвоената измена на Програмата за реконструкција и доградба на објекти во центарот на Скопје. Велат дека овие објекти се со оштетени фасади, а кај деле потребна санација и на конструктивниот систем.
За сега не се знае дали сите овие фасади ќе се реконструираат во барок-стил. Тоа ќе зависи од идејните решенија кои ќе пристигнат на конкурсот, а краен рок за доставување на понудите е мај, велат од Град Скопје. Освен ова, со оглед на тоа што во најголем дел се работи за комерцијални објекти и станбени згради, во постапката за избор на идејното решение ќе бидат вклучени и претставници од приватните објекти.
Идејни решенија ќе се оценуваат врз основа на неколку критериуми: изводливост и одржливост, инвентивност во пристапот на обликување, економичност на решението, целосно почитување на програмските барања и задоволување на сите прописи и нормативни акти за проектирање и реконструкција на фасадите.
Неизвесно е колку ќе чини овој голем градежен зафат. Секој победнички труд на конкурсот ќе добие награда од 40.000 денари.
Слично
