ДУЈОВСКИ ЗА ФАКТОР: Оваа некоректна политика на Софија ќе продолжи поради неколку „вжештени“ глави, мора да бараме алтернативни патишта
Очечувано е дека политиката која Софија ја спроведува кон Македонија ќе продолжи да биде некоректна и во следниот период, и тоа се случува поради неколку „вжештени“ глави на историчари и дипломати во таа држава, кои од ништо - направија голем проблем. И сега, целата Европска унија од над 500 милиони луѓе се заложници на десетина неразумни политичари и историчари во Софија.
Ова е ставот на универзитетскиот професор Никола Дујовски за Фактор, откако Бугарија вчера стави вето за земјава и со тоа оневозможи старт на нашите преговори со Евртопската унија.
Професорот Дујовски е песимист и вели дека наскоро нема да биде најдено решение за овој проблем.
„Ова ќе продолжи да го дистанцира целиот Западен Балкан од ЕУ, и тоа не само Македонија и Албанија, туку и другите држави од регионот. И, ова ќе значи дека сите овие држави ќе мораат да бараат алтернативни решенија за соработка. Иако, факт е дека нема подобра перспектива за нашата држава отколку влез во ЕУ и влезот во Унијата би значел многу за подобрување на сите сегменти во нашата држава, но исто така е факт дека ние не можеме вечно да чекаме пред портите на ЕУ“, вели професорот Дујовски.
Тој е многу разочаран не само од однесувањето на Бугарија, туку и од самата Европска унија како целина.
„Всушниост, добро се сеќаваме дека ЕУ беше само нем посматрач на тридеценискиот спор кој Македонија го имаше со Грција, и таа нема речиси никаква улога во склучувањето на Преспанскиот договор, туку многу повеќе тука помогнаа САД и Обединетите нации. Истото се повторува и сега, бидејќи механизмот за носење одлуки во Брисел е затворен во однос на земјите апликанти. Јас сметам дека ЕУ можеа да најдат начин македонско-бугарското прашање да биде ставено надвор од прашањето за исполнување услови за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, но решија да се солидаризираат и слепо да се држат до носењето на одлуки со консензус, без разлика дали е тоа разумно или не“, објаснува овој универзитетски професор.
Кои се тие алтернативни патишта и начини на соработка по кои треба да оди земјава.
Според Дујовски, тоа треба да бидат главно Соединетите американски држави, но и поединечно сите земји од ЕУ со кои земјава има добра трговска соработка.
„Секогаш наш најголем и главен трговски партнер беше Германија, но зошто да не ја засилиме уште повеќе соработката и со другите трговски партнери, како што се Австрија, Холандија, Белгија, Луксембург, како и со Чешка, Словачка и воопшто државите од Вишеградската група. Исто така, уште повеќе да се зајакнува стратешкото партнерство со САД, но и со Турција. Така што, во таа насока треба да се движиме уште повеќе во зајакнување на соработката со нашите поединечни партнери, бидејќи очигледно е дека ЕУ како организација на 27 држави, не ни е партнер“, објаснува професорот Дујовски.
Нина Нинеска-Фиданоска
