ДУИ собира потписи за уставни измени, ВЛЕН ја отфрла иницијативата, СДСМ обвинува за изолација
Политичките тензии околу уставните измени и евроинтеграциите се засилуваат, откако пратениците од т.н. Европски фронт, предводени од ДУИ, најавија собирање потписи за отворање на процесот за уставни измени.
Од ДУИ велат дека државата веќе изгубила доволно време и дека не смее да се пропушти актуелниот момент за напредок кон Европската Унија.
Иницијативата веднаш беше отфрлена од коалицијата ВЛЕН, од каде ја оценија како несериозна и штетна.
- -Ова повеќе наликува на пародија отколку на сериозен политички предлог. Европската интеграција бара искрен и одговорен пристап – порачаа од ВЛЕН, нагласувајќи дека Владата е фокусирана на спроведување на реформската агенда.
Во меѓувреме, од СДСМ тврдат дека актуелната власт не испорачува резултати во реформите и ја оттурнува државата од европскиот пат.
- -Ризикот е губење на европски средства и дополнителна изолација на државата – посочуваат од СДСМ, повикувајќи се на оценките на европските претставници.
Дебатата се интензивираше по изјавите на Томас Вајц, известувач за Македонија во Европскиот парламент, кој во интервју за Euronews Bulgaria предупреди дека без уставни измени и реформи, земјата може да ја пропушти клучната можност за напредок кон ЕУ.
Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски тврди дека оценките за напредокот се поинакви од оние што се пренесуваат во јавноста, истакнувајќи дека извештаите се позитивни.
Политичката сцена останува длабоко поделена околу прашањето за уставните измени – клучен услов за продолжување на преговорите со Европската Унија.
