Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДУИ: Предлог законот за правична застапеност од Каракамишева е регрес

ДУИ: Предлог законот за правична застапеност од Каракамишева е регрес

Од ДУИ велат дека предлог законот за правична застапеност од професорката Тања Каракамишева е брутален регрес. 

„Ова што се случува е повеќе од разочарување – ова е отворено предавство кон секое достигнување за кое се жртвувало со децении. Секогаш кога мислиме дека го допреле дното, тие наоѓаат нов начин да паднат уште подолу. Предлог-законот за „правична и соодветна застапеност“, изработен од Каракамишева и гласно поддржан од ВЛЕН, не е напредок -туку брутален регрес“, реагираат денеска од ДУИ.

Според ДУИ, во предлогот што циркулира низ медиумите не се предвидени етнички квоти, што, како што наведуваат, може да доведе до состојба слична на периодот пред 2001 година, кога застапеноста на Албанците во администрацијата била минимална. Дополнително, се посочува дека не постои обврска институциите да ги идентификуваат граѓаните по етничка основа при вработување или унапредување, ниту пак се предвидени санкции за непочитување на одредбите.

„И најголемата иронија? Ветија унапредување на постојните механизми, а во реалност ги уништуваат оние што веќе постојат. Ниту еден елемент во овој предлог не го спроведува духот на Амандманот VI од Уставот. Афирмативната политика е свесно закопана. Ова не е само политички неуспех, туку намерно враќање назад, кон времето кое Албанците го имаат надминато со многу труд. И она што најмногу боли: во овој документ што ги гаси правата, стојат и албански потписи. Ова е црвена линија. Ова е аларм. Секој што сè уште верува во еднаквост, во застапеност и во достоинство, мора јасно да се дистанцира од оваа неодговорна и опасна политика. Не смееме да молчиме кога се продава сегашноста и се руши иднината“, велат од ДУИ.

Пред два дена премиерот Христијан Мицкоски рече дека овој закон набргу треба да оди во собраниска процедура откако претходно ги поминал сите филтри во Владата, добил позитивно мислење од Венецијанската комисија и покрај правичната застапаност, ќе понуди квалитет, нешто што, како што додаде, досега не беше ставано во фокусот.

Слично

Поврзани вести