ДУИ ОБВИНИ ДЕКА ОВА Е ПРЕСЕДАН: Тврдат дека државниот врв не ја честитал независноста на Косово
ДУИ жали што државниот врв не ја честитал независноста на Косово.
Oд партијата велат дека ова е преседан. Додаваат дека за првпат, институциите на државата, вклучително и претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи, не упатија официјална јавна честитка по повод Денот на независноста на Република Косово. Велат дека овој чин не само што е дипломатски превид, туку и директен сигнал кој го поткопува духот на добрососедство и регионална соработка.
„Истовремено, со сите државни почести, беше пречекан Милорад Додик — политичка фигура позната по своите деструктивни ставови кон евроатлантските процеси и принципите на регионалната стабилност. Оваа очигледна диспропорција во односот кон соседите испраќа загрижувачка порака за насоката на нашата држава. Таквото однесување е резултат на растечкото влијание на концептот на „Српскиот свет“ во Македонија — проект кој претставува закана за суверенитетот, европската перспектива и стратешките интереси на државата. Промовирањето на оваа идеологија на сметка на пријателските односи со Косово е недозволиво и штетно“, велат од ДУИ.
Но, властите велат дека честитка испратил претседателот на Собранието Африм Гаши, а денеска истото го сторила и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Косово слави 17 години независност, а на Попова Шапка група скијачи развија знаме во чест на овој ден. Косово вчера одбележа 17 години независност, а прославите се одржуваат низ целата земја, особено во Приштина.
