ДУИ нема да дава изјави за Ел Чека
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи денеска пред новинарите соопшти дека ДУИ нема да дава изјави за извесниот Ел Чека кој објавува „бомби“ на својот профил на Фејсбук од Чикаго за афери кои се поврзани со функционери од помалиот владин коалиционен партнер.
- Од ДУИ ова прашање воопшто не е разгледано, ниту во некаков контекст е анализирано. Тоа е работа на институциите. Тие имаат обврска да се справат со тоа. Ние немаме вознемиреност во тој дел. Секогаш постоела специјална војна против нас но ние секогаш сме излегувале како победници, рече Османи пред новинарите.
Кичевецот А.Ш., кој стои зад псевдонимот Ел Чека и кој преку Фејсбук објавува „бомби“ за функционери на ДУИ се огласи денеска повторно на социјалната мрежа. Тој напиша дека наскоро ќе се знае вистината за убиството на Харун Алиу, поранешен лидер на партијата Национална алтернатива, кој важеше и за мозокот на АНА, а кој беше убиен во полициска акција во Радуша во 2010 година. Чека прашува и кој е убиениот македонски полицаец на Косово и зошто државата го скрила тоа убиство.
