СДСМ и ДУИ: Утре конечен договор
СДСМ во денешното соопштение објави дека очекува утре да има конечен договор со ДУИ за формирање на нова Влада по парламентарните избори на 15 јули. Од „Бихаќка“ најавуваат дека утрешната средба ќе биде на ниво на претседатели помеѓу Зоран Заев и Али Ахмети. Доколку има старо-ново владеачко мнозинство, од таму најавуваат дека следните денови ќе продолжи Конститутивната седница на Собранието.
„Тимовите на СДСМ и ДУИ интензивно работеа на создавање брз и темелен коалициски договор уште во првите денови од уставно определениот рок од 20 дена после добивањето на мандатот. Во разговорите кои се водат на ниво на генерални секретари постигнат е сериозен напредок по однос на речиси сите прашања кои водат до договор за Влада.
Со оглед на итноста и потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата заради справувањето со здравствените и економските предизвици поврзани со Ковид-19, во текот на утрешниот ден ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателите Зоран Заев и Али Ахмети на која се очекува конечен договор за нова, стабилна, посветена Влада со мандат од четири години.
Имајќи ги предвид очекувањата за брз конечен договор, во текот на следните денови се надеваме дека ќе продолжи конститутивната седница за избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија“, гласи известувањето на СДСМ.
И ДУИ преку денешното соопштение најавува дека утрешната средба помеѓу Ахмети и Заев ќе биде клучна за формирање за Влада, откако изминатиот викенд преговараа партиските секретари.
Во известувањето од Мала Речица стои дека во разговорите одржани на ниво на партиски секретари меѓу Артан Груби од ДУИ и Љупчо Николовски од СДСМ постигнат е сериозен напредок скоро за сите прашања кои што водат до договор за нова Влада.
„Со оглед на итноста и потребата да се дејствува брзо на клучните институции во земјава со цел решавање на здравствените и економските предизвици поврзани со Ковид-19, утре ќе се одржи клучна средба меѓу претседателите Али Ахмети и Зоран Заев каде се очекува да биде постигнат конечен договор за нова, стабилна Влада, посветена на четиригодишен мандат“, се вели во соопштението на ДУИ.
