ДУИ „ја поздрави“ поддршката од ВМРО-ДПМНЕ за изградбата на автопатиштата на Коридор 8 и 10д
ДУИ преку соопштение во јавност, како што е објавено таму, ја поздравува поддршката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за изградбата на коридорите 8 и 10Д. Претходно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека неговата партија го поддржува проектот, но не и криминалот кој може да се осуети во договорот кој содржи државни тајни.
„Демократската Унија за Интеграција ја поздравува поддршката на ВМРО ДПМНЕ за изградбата на коридорите 8 и 10-Д искажана од страна на Христијан Мицкоски.
Процесот до потпишување на договорот за изградба на коридорите помеѓу Владата и конзорциумот Бехтел и Енка трае веќе повеќе од две години и во јавниот процес беа вклучени сите. Договорот е обврска која што пратениците едногласно ја усвоија и обврзаа Владата да постапи.
Проектот за изградба на автопатите на Коридорот 8 и 10-Д е амбициозен проект од национално значење за изградба на 109 километри автопат за 57 месеци (4 пати побрзо од просечната градба во нашата земја) преку нов модел што го користат најголемите, најискусните градежни компании во светот“, стои во реакцијата на ДУИ.
Од владеачката партија напоменуваат дека „веќе ништо не може да ја спречи изградбата на ачетирите автопатски делници“
„Автопатиштата веќе не може да ги сопре никој и ништо, но доколку пратениците одлучат спротивно, проектот ќе трае многу по долго и ќе чини многу повеќе.
За дневна несфатлива политика на блокади во Собрание, граѓаните ќе треба да почекаат уште неколку години за да возат по автопат и ќе плаќаат милиони евра безпотребни дополнителни средства наместо со тое средства да се градат училишта, болници, градинки, гасоводи, железници, други автопатишта.“, стои во соопштението на ДУИ.
