ДУИ ЈА КРИТИКУВА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА: Се позиционираше на страната на Владата, занемарувајќи ги механизмите за заштита од етничка мајоризација
Од ДУИ реагираат на изјава на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова од вчера и велат дека таа го поткопува мултиетничкиот карактер на државата.
Според нив, таа застана на страна на Владата во поткопувањето на мултиетничкиот карактер на државата.
„Во време кога мултиетничкиот карактер на Македонија е под сериозна закана, Претседателката Гордана Сиљановска Давкова отворено се позиционираше на страната на Владата, занемарувајќи ги механизмите за заштита од етничка мајоризација“, реагираат од опозициската ДУИ.
Велат дека со нејзината изјава дека „не е важно колку пратеници Албанци ќе го напуштат парламентарното мнозинство, сѐ додека Владата има 61 пратеник – нема потреба од предвремени избори“, Претседателката испраќа јасна порака дека етничкиот баланс и чувствителноста на коалициските партнерства не се дел од нејзиниот политички приоритет“.
Како што кажа претседателката апсолутно нема потреба од предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните избори наесен доколку Алијанса за Албанците Арбен Таравари го напушти владејачкото мнозинство.Според претседателката, оние што сега повикуваат на предвремени парламентарни избори беа најголемите противници на предвремените избори кога за нив, вели, имало причина.
Таа порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети да не врши притисок врз судската власт бидејќи единствено е таа надлежна да одлучува кој ќе биде кривично гонет.
