ДУИ го поднесе законот за ветинг во Собрание, потегот оценет како несериозен
ДУИ во Собранието вчера го достави Предлог законот за ветингна лицата кои се носители на јавни функции во законодавната, извршната и судската власт, но опозициската ВМРО ДПМНЕ овој потег на десет дена пред распуштање на Собранието го оцени како несериозен.
„Ова е многу тешка и важна тема. Законот за ветинг е целосно нов систем во Македонија. Сепак, сметам дека не е сериозно 10 дена пред распуштањето на Собранието да се отвори расправа за ваков предлог закон. Ако ДУИ како коалиционен партнер беше сериозна, овој предлог-закон може да се достави на почетокот на мандатот на оваа Влада “, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Алијанса за Албанците предлогот го оценија како смешен затоа што е поднесен од ДУИ, додека за Беса вистинскиот ветинг треба да го направат граѓаните со гласање на на изборите на 12 април. Од СДСМ засега не коментираа дали ќе го поддржат овој предлог.
Евентуалното решение предвидува да се формира Агенција која ќе ги контролира сите актуелни носители на јавни функции, но и сите тие што ќе се кандидираат за јавни функции во иднина, почнувајќи од претседателот, пратениците, градоначалниците, именувани функционери од Собранието, па до народниот правобранител и првите луѓе на независните државни органи.
