ДУИ го ангажираше американскиот експерт Пол Вилијамс за озаконување на „Мајскиот договор“
ДУИ го ангажираше американецот Пол Вилијамс, еден од авторите на Охридскиот рамковен договор, кој би помогнал во озаконувањето т.н. Мајски договор за меѓупартиското коалицирање по принципот победник со победник.
Ова денеска на прес-конференција во Собранието го потврди координаторот на пратеничката група на коалицијата „Европски фронт“, Блерим Беџети.
„Истовремено јавно објавивме дека е ангажиран и еден од оние што го изготвија Рамковниот договор и духот на овој договор да се прецизира со законско или уставно решение начелото победник со победник, односно партиите коишто го имаат етничкиот легитимитет и не случајно ние како ‘Европски фронт’ имаме политички став дека оваа Влада нема легитимитет“, изјави Беџети.
Инаку Вилијамс е професор по право и меѓународни односи на Американскиот универзитет, предава на Факултетот за меѓународни односи и на Вашингтонскиот правен колеџ. Тој е претседател и коосновач на Групата за меѓународно јавно право и политика (PILPG) – невладина про боно организација.
