ДУИ: Албанските партии ни ги уништија преговарачките позиции со Заев
Демократската унија за интеграција се уште им се лути на лидерите на албанските парламентарни партии што не дојдоа на средбата која ја закажа претседателот Али Ахмети а во денешното соопштение „Интегративците“ ги обвинуваат дека со тоа им ги уништиле преговарачките позиции со СДСМ и Зоран Заев.
- Дури и неразумното напуштање во очите на сите Албанци на Заедничката тркалезна маса на албанските парламентарни партии е во функција на дефокусирање од поразот, неуспехот и има за цел да ја избегне одговорноста на лидерите на овие политички партии пред гласачкото тело и нивните партиски тела. Тие го гледаат своето преживување на политичката сцена преку обиди за неуспешност на Албанците со тоа што стојат на ред на шалтерите на СДСМ и ВМРО и уништувајќи ги преговарачките позиции на победникот и легитимниот претставник на Албанците. Не претворајте го вашиот неуспех во неуспех на Албанците затоа што Албанците нема да ви простат и да го заборават ова недостоинствено однесување, се вели во соопштението што беше денеска лиферувано од Мала Речица.
На средбата на 13 август во Скопје претседателот на ДУИ остана сам да ги чека Билал Касами, Африм Гаши, Зијадин Села и Мендух Тачи од БЕСА, Алтернатива, Алијанса за Албанците и ДПА.
