Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дуев:Положбата на универзитетот е „ни на небо ни на земја“

Дуев:Положбата на универзитетот е „ни на небо ни на земја“

Во период кога се повеќе се говори за нови коренити реформи во целото образование неизбежно е да се погледне и кон еден од најстарите факултети во Македонија. На пазарот на труд му требаат се повеќе софтверски и компјутерски инженери со раст на природно-математичките факултети, но не смеат никако да се запостават ниту општествените факултети, особено Филозофскиот факултет кое има свое значајно место во развој на едно општество со креирање на критички настроени кадри кои треба да бидат авангарда. За таа цел разговараме со Ратко Дуев, декан на Филозофски факултет, при УКИМ Скопје, за сите предизици и очекувања.

Фактор: Годинава одбележавте 97 години од своето постоење, колку фактот што Филозофскиот факултет е најстарата високообразовна институција ве обременува или пак е само предизвик да се чекори напред? 

Дуев: 97 години постоење се 97 години државотворност.Долгата традиција е навистина товар за секој декан на Филозофскиот факултет, кога знаете дека раководите со Факултет во кој пред вас работеле великани како Михаил Петрушевски, Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Десанка Миљовска, Фран Петре, Шоптрајанов, Тошев, Љубен Лапе, Димчо Коцо, Томо Томоски, Киро Ќамилов, Пољански и многу други личности значајни за поновата историја на нашата држава, Факултет од кој произлегле многу генерации научници, академици, уметници, поранешни и сегашни професори, студенти кои својот работен век и голем дел од својот живот го вградија и го минаа во неговите слушални и кабинети. Во услови на глобални, долгогодишни политички и финансиски кризи, чести законски измени, навистина е тешко да се раководи со високообразовна институција. Во изминатите години како раководител на Институтот за класични студии, координатор на уписната комисија, главен координатор на Отворениот ден на УКИМ, член на комисии за одбележување на јубилеи, продекан за финансии, можев да го согледам целокупниот потенцијал на наставниците и вработените на Факултетот, потоа проблемите со кои се соочува институцијата, но и нејзината долга традиција и историја. Мислата на древниот кинески философ Конфучиј дека „Не е важно колку бавночекориш, се додека не престанеш“, е предизвикот кој го прифатив, заедно со моите колеги да чекориме напред со надеж дека никогаш нема да застанеме.

Фактор: По што е препознатлив Филозофскиот факултет?

Дуев: Филозофскиот факултет е еден од најразгранетите факултети на УКИМ, со 19 студиски програми на додипломски студии, 38 програми на постдипломски студии и 15 програми на докторски студии. Сето тоа значи и богат избор на звања и перспективи за студентите по дипломирањето. Создаваме наставници по историја, филозофија, социологија, латински и старогрчки јазик, потоа педагози, археолози и историчари на уметноста, општествени работници како социјални работници, дефектолози, психолози, едукатори по семејни студии, родови студии, дефендолози и експерти по безбедност, кои покрај основните звања, во текот на студиите стекнуваат и други вештини и знаења со чија примена можат успешно да работат во многу други области, а и во приватниот сектор. Анализата на работните места на дипломираните студенти дава еден широк спектар, покрај наведените, во маркетинг агенции на работни места каде се бара писменост и креативност, приватни училишта за деца со посебни потреби, приватни градинки, приватни училишта, психолошки советувалишта, агенции за испитување на јавното мислење, медиумски работници, армија, полиција, агенции за приватно обезбедување, невладин сектор, познати писатели, уметници, политичари, теолози, социјални работници во големи компании итн. Нашиот најголем успех се нашите студенти.

Слабата научна инфраструктура влијае и на рангирањето на нашиот универзитет во светски рамки

Фактор: Колку како високообразовни институции држиме чекор со светската наука? Недостасува инвестирање во науката?

Дуев: За квалитетна универзитетска настава е потребна развиена научна дејност. Слабата научна инфраструктура влијае и на рангирањето на нашиот универзитет во светски рамки. Науката не е секогаш комерцијална дејност, но нејзината апликација носи финансиски средства за сите инволвирани во образованиот процес и во развојот и напредокот на општеството. Затоа како основа за надминување на слабата развиеност мора да се тргне од финансиските средства потребни за обезбедување услови за квалитетна научна работа. Без инвестиции се сведува на импровизација.

Фактор: Се чини како да недостасува инвестирање во науката?

Дуев: Со скромни 0.2% од буџетот нашата држава е на дното во Европа. За да го следиме развојот на светската наука и активно да учествуваме со сопствени истражувања потребно е да се обезбедат услови (просторни услови, опрема итн.). Досегашното работење во голем дел тоа се должи на ентузијазмот на професорите. Развојот на научната инфраструктура, наставата, просторот и опремата се обезбедува од сопствени средства, за жал повеќе од 25 години, без никакви инвестиции од државата. Само оваа година Факултетот беше организатор на 12 собири, издадени се 9 научни списанија, 18 учебници и монографии, 30 наставници учествувале на меѓународни собири и предавале во странство, 28 професори од други реномирани универзитети предавале на факултетот, 150 студенти престојувале на други факултети во регионот и пошироко. Од друга страна голем број професори се ангажирани во разни државни тела за изработка на закони и стратегии, меѓународни проекти каде се ползуваат нивните знаења. Дотраените просторни услови и немањето опрема се обидуваме да ги надминеме сами: се реновираат библиотеки, се заменува дотраен мебел, се набавува информатичка опрема. За жал, покрај одредени средства од УКИМ и Министерството за култура (барем во делот на културното наследство), целиот развој на факултетот се потпира врз сопствените средства, во рамките на сопствените финансиски можности.

Фактор: Секогаш кога државата крати во буџетот на министерството за образование и наука, прво се зафаќа за науката. Што треба да се направи за да се зголеми буџетот во делот на науката, што подразбира истражувања, иновации?

Дуев: Потребно е да се направи долгорочна стратегија за развој на науката. Секоја стратегија подразбира и финансиска анализа и планирање во буџетот во зависност од целите. Основно е да се започне со осовременување на научната инфраструктура. Центар на најпознатите универзитети во Европа и во САД се централните библиотеки со големи читални од каде што се шири мрежата на кабинети и предавални. Нашите библиотеки се во XIX век. Недостапни се најновите светски научни истражувања во монографии и научни списанија. Нема дигитализација на библиотечната евиденција на книжниот фонд, ниту пристап до дата бази на научни списанија, што е поврзано, исто така, со библиотечното работење. Сите светски универзитети користат вакви бази, особено како што е најразвиената JSTOR (www.jstor.org/) во кои се сместени електронски статии од сите области и од сите научни списанија со импакт-фактор и меѓународно реноме (во соседна Србија, за оваа намена во буџетот се предвидени средства за сите универзитети). Со ваквите бази ќе се реши достапноста до сите светски некогашни и најсовремени научни истражувања објавени во научни списанија на сите научни работници, професори, студенти, докторанди, магистранти, со што се става темел на научната инфраструктура за научни истражувања. Финансиски ова е најевтин начин за надминување на долгогодишниот јаз од недостиг на научни списанија и зборници и да се фати чекор со светската наука. Потоа фонд за научни проекти и учество на меѓународни собири, кои секогаш завршуваат со објавување на зборници, научни статии кои се објавуваат во угледни меѓународни списанија. Од самите истражувања произлегуваат научни резултати кои редовно се објавуваат. Научните собири се од особено значење за секој наставник, за неговата научна надградба и врските со специјалисти од други земји. Важно да се издвојуваат средства и за домашни научни списанија со тенденција да се здобијат со импакт фактор, што придонесе во соседните земји бројот на домашни научни списанија со импакт фактор постојано да се зголемува. Веќе значително голем број списанија од овие земји се индексирани во Томсон Ројтерс. Следна фаза е набавка на опрема за лаборатории, истражувачки центри. Врвните научни резултати ќе привлечат и надворешен капитал. Како што напоменав инвестирањето во науката не треба да се смета како залудно потрошени пари – тие секогаш повеќекратно и се враќаат на државата со развој во сите сфери.

Фактор: Како да ги задржиме младите интелектуалци во земјава?

Дуев: За жал овој процес на „brain drain“ е најпогубен за развојот на државата. Со овој проблем се соочува целиот регион. Клучен е развојот на реалниот приватен сектор, кој не зависи од политичките прилики во државата, со чиј развој ќе се обезбеди пораст на животниот стандард и пораст на платите, со што голем дел од младите би биле мотивирани да работат во својата земја. Исто така и владеењето на правото и политичката стабилност, за да се врати довербата на младите луѓе во системот и институциите - едноставно да добијат шанса за пристоен и мирен живот. Како пример во 1991 година Естонија и Македонија имале ист бруто домашен производ, а денес Естонија има 10 пати поголем од Македонија.

Професорите во Македонија имаат најниски плати во регионот, иако јавноста има друга перцепција

Фактор: Имајќи предвид дека се подготвува нов закон за високо образование, затоа што претходниот предизвика лавина реакции, според вас каде и како треба да се интервенира?

Дуев: Многу пати сум пишувал на оваа тема и мојот став е дека и да е идеален законот за високо образование нема да ги реши проблемите на универзитетите. Високото образование е круна на образованието. Во образованието не се можни брзи резултати и чуда бидејќи станува збор за сложен процес. Потребно е да се спроведат реформи почнувајќи од предучилишна возраст, за да првите резултати бидат видливи по 10 години. Бидејќи станува збор за предлог закон, се надевам дека во текот на процедурата за донесување, ќе бидат прифатени одредени забелешки на сите вклучени во процесот. Клучна е финансиската и кадровската автономија за развој на високото образование. Предлогот има одредени подобрувања во овој дел, но автономијата се однесува само на сопствените средства. Во предлогот нема ништо за измена на начинот на финансирање на Универзитетот, застарениот модел на распределба на буџетските средства за плати на вработените. Од друга страна, од досегашното искуство, покрај немањето средства за научна работа која според сопствените финансиски можности се финансира од сопствени средства, сите новитети како Одбори и Совети паѓаат на товар на Универзитетите. Положбата на универзитетот е „ни на небо ни на земја“. На пример само за акредитација на студиските програми Факултетот плаќа огромна сума на средства на Одборот за акредитација, зошто? Дали сме државна установа или приватна? Зошто не падне товарот на сите овие реформи на МОН? Понатаму одлука за квоти за упис на студенти последните децении носи Владата на РМ, во конкурсот се предвидуваат разни квоти кои се ослободуваат од партиципација, а државата, која има право да води ваква политика, не префрла средства на универзитетите за овие студенти. Тоа се коси со законот за финансиско работење, а мора да се почитува. Проблемот се решава многу едноставно: поголема финансиска автономија = помалку спомнување на Министерство за финансии во законот за високо образование...

Фактор: Како факултетите да ја зачуваат автономијата од се поголемиот наплив на политичко искористување?

Дуев: Веќе напоменав дека за развојот е клучна финансиската автономија и зголемување на буџетот за наука. Истиот проблем е причина и за ова прашање. Професорите во Македонија имаат најниски плати во регионот. Иако јавноста има друга перцепција, сепак мора да се знае дека државата учествува со околу 70% во платите и ги покрива трошоците за топлинска енергија. Сите други трошоци се покриваат од сопствените средства. За еден професор да стигне до своето звање се потребни големи финансиски средства, исто и да се усовршува во својата научна област. Секако државата од нив бара светски резултати без да вложува во нивното усовршување. Доколку не оствари одредени научни достигнувања тој може да го загуби своето работно место. Поради сите овие причини, за да се надополни семејниот буџет прифаќа да биде член на разни комисии во министерствата за одреден надомест. Понатаму политиката бара одредени услуги како поддршка итн. Затоа сметам дека вистинската финансиска автономија е клучот за автономијата на високото образование воопшто, што во голема мера ќе ја оддалечи политиката од високото образование.

Р.Ф

Слично

Поврзани вести