Дуел на Трајановски и Алеиви: Како досега со проблемите во Скопје се справија власта и опозицијата?
Веќе три години на
власт е градоначалникот Петре Шилегов кој ужива и мнозинство во Советот на град
Скопје. Сега веќе влегуваме во изборна година кога ќе треба да се направи отчет
за сработеното и исполнувањето на ветената програма со приоритети како што се
справување со загадениот воздух и уништувањето на животната средина, ставање
крај на урбаниот хаос и дивеењето на урбаната мафија, прекин на алчното градење
без почитување на урбанистичките стандарди и подобрување на хаосот во
сообраќајот и мобилноста на скопјани. Затоа Фактор.мк на дуел ги соочи Саит
Алеиви советник од редовите на мнозинството преку Демократската партија на
Турците и Александар Трајановски советник на опозицијата во Град Скопје кој
доаѓа од партијата ГРОМ.
Фактор: Загадениот воздух и воопшто справувањето со загадувањето на животната средина и натаму се главен проблем за граѓаните на Скопје. Како го решавате овој проблем и што може да очекуваат граѓаните?

Алеиви: Минатата година Град Скопје со поддршка на ЕБОР влезе во Европската мрежа на зелени градови и изработи Акциски план за зелен град. Акцискиот план треба да му помогне на градот Скопје да ги идентификува најчувствителните предизвици за животната средина, да направи листа на приоритети и да ги адресира. Тоа се однесува на: цврстиот отпад и рециклирањето, централното греење, третманот на отпадните води и урбаниот транспорт, сè со цел да се намали локалното загадување, да се подобри енергетската ефикасност и ефикасноста на ресурсите, како и да се промовира адаптација кон климатските промени.
Овој план предвидува низа конкретни чекори кои водат кон освојување на наградата Европска зелена престолнина која ја доделува ЕУ само на градовите кои во определен временски интервал имаат направено најмногу на полето на унапредувањето и заштитата на животната средина. Но, ајде да се обидеме да издвоивме само неколку поважни конкретни чекори кои беа преземени во изминативе 3 години.
Набавени се 33 нови зелени автобуси на гас, со поддршка на ЕБОР, а наскоро ја започнуваме постапката за БРТ системот на т.н. трамвај без шини кој е идеален за унапредувањето на јавниот превоз во градови каков што е Скопје.
Паркот Ибни Пајко, кој сега се простира на површина од 11 илјади метри квадратни, пред само 3 години беше нелегално паркиралиште во. Покривот на ГТЦ беше прогласен за т.н. топлотен остров во студија на УНДП, пред да стане прекрасен зелен покрив полн со луѓе. Плочникот пред ГТЦ на секој поголем дожд се полнеше со вода, сега таму има прекрасни дрвореди на јапонски јавор.
Изградени и реконструирани се над 30 км нови велосипедски патеки, нови пешачки површини, ослободени се тротоарите од паркирани возила, обновено е булеварското зеленило. Редизајнирани се повеќе јавни простори и претворени во нови урбани скверови со повеќе зеленило. Две години по ред ЈП Паркови и зеленило го руши сопствениот рекорд на позеленети површини на годишно ниво, летово надмина 115.000 метри квадратни, а голема е веројатноста до крајот на годината таа површина да стигне и до 200.000 метри квадратни, што е двојно повеќе во однос на некои минати години.
Цели 3 години веќе нема гужви од паркирани возила на Водно, има повеќе простор за спорт и рекреација, има нова Пионерска uphill велосипедска патека од Кочо Рацин до Средно Водно, прва од вкупно 3 предвидени во проектот „Велосипедски парк Водно“.
Три години по ред трите клучни мерни станици за аерозагадување во Скопје бележат тренд на опаѓање на максималната средно дневна концентрација на ПМ10 честички во воздухот. Мерната станица во Центар во 2017 бележи 352,9 mg/m3, во 2018 - 248 mg/m3, а во 2019 - 124,2 mg/m3 максимална средно дневна концентрација на ПМ10 честички во воздухот. Кај мерната станица во Карпош овие вредности изнесуваат во 2017 – 397,2 mg/m3, во 2018 - 229 mg/m3, а во 2019 – 120,7 mg/m3. А мерната станица кај Ректорат во 2017 бележи 436,7 mg/m3, во 2018 - 283 mg/m3, а во 2019 - 134,2 mg/m3 максимална средно дневна концентрација на ПМ10 честички во воздухот.
Само годинава доделуваме меѓу 4 и 5 илјади субвенции на граѓаните за набавка на современи инвертер клима уреди, а ако на тоа ги додадеме и субвенциите за набавка на велосипеди, тротинети, печки на пелети и чистење на оџаци ќе дојдеме до бројка од над 9.000 субвенции за граѓани кои директно влијаат на намалување на аерозагадувањето.
Во делот на загревањето на домаќинствата и институциите го основавме новото АД ГЕС со задача да ја преземе топловодната и да ја спроведе гасоводната мрежа во градот, средните училишта добија енергетски ефикасни фасади, а обезбедивме и прочистувачи на воздух во секоја училница. Во тек е постапката за воведување на Smart city во Скопје кој само во делот на осветлувањето ќе обезбеди огромни заштеди на електрична енергија.
Во делот на хигиената расчистени се многу диви депонии, дел од нив се сега веќе паркови, воведено е рачно миење на улиците и воспоставен е ефикасен систем за елиминирање на огнови на отворено.
Значително е подобрен инспекцискиот надзор, двојно е зголемен бројот на казни од инспекторатот и комуналните редари, воведено е снимање со дрон со цел прецизно откривање на извори на загадување редовно се прават инспекции на сите Б интегрирани еколошки дозволи кои се во надлежност на Градот.
Трајановски: Со оглед на помпезните најави од предизборната програма на сега веќе избраниот градоначалник Шилегов, не е тешко да се констатира дека нема значајни проекти кои придонесоа или придонесуваат во борбата со загадувањето на воздухот.
Набавката на 30 автобуси на екстра лесно гориво за јавниот транспорт и самите гледаме дека не влијаат во намалувањето на загадувањето. Паркингот на Водно ја доби највисока цена за еден час паркирање, а тоа придонесе рекреацијата за скопјани да претставува вистински луксуз, но не и да се намали загадувањето иако не знам како се поврзани овие две работи...

Град Скопје има сериозни проблеми со дивите депонии кои постојано се трупаат со отпад кој повремено се пали. Да биде иронијата уште поголема, градот има набавено дронови со термо сензори кои би требало да ги лоцираат овие пожари и сторителите, но тоа не е случај во пракса. Така на пример имате промоција на оваа опрема во недела, а утредента имаме пожар на дивата депонија кај спортската сала „Борис Трајковски“, но сторителите не се фатени, а и не се сеќавам дека некогаш биле.
Со одлука на Владата беа доделени средства за апсолутно субвенционирање за инвертер клими за околу 5000 домаќинства. Оваа пари беа доделени од Владата на Град Скопје и неколку други општини, така да не можам да кажам дека градоначалникот има придонес, особено што истите беа злоупотребени, а огласот за субвенционирање беше објавен непосредно пред предвремените парламентарни избори. Што ќе сменеше ако огласот за доделување на субвенции беше пуштен две недели покасно после изборите?
Оваа година временските услови се поволни и еве веќе сме ноември месец, и набрзо за некој ден или недела ќе се увиди дека и овие 5000 домови кои ги заменија своите печки на дрва со инвертер клими нема да придонесат во намалување на загадувањето на воздухот.
Одговорно можам да кажам дека градот нема ниту една суштинска мерка за борба против загадувањето, а со оглед дека влегуваме во последната година од нашиот четиригодишен мандат не верувам дека нешто ќе се промени.
Фактор: Дивеењето на урбаната мафија, запоседнувањето на секоја слободна површина во централното подрачје на Скопје за нови згради и сериозното намалување на квалитетот на живот се тежок предизвик со кој локалната власт не може да се справи со години. Има ли стратегија, но и политичка волја да се воведе ред во урбанизмот?
Алеиви: Политичка волја постои како никогаш досега, а се работи и на измени во стратегијата. Се надевам дека ќе се согласите дека борбата со урбаната мафија сега е многу поизразена отколку во времињата на нашите претходници. Дивоградбите кај Мавровка и Сарај се остатоци од некои навики од минатото, но за разлика од тогаш сега таквото поведение се санкционира. Се отстрануваат нелегално поставени споменици, споменикот на Ќосето на пример, а и ред други. Започнати се постапки за отстранување на две од трите галии во Вардар. За прв пат јавноста слушна дека постои механизам што се вика мораториум на градба на ДУП. Се работи на реформи во инспекциските служби, а Град Скопје неколкукратно го зголеми бројот на казни и опомени изречени од градскиот инспекторат. Ова се суштински промени, кои прават огромна разлика во однос на претходните времиња, но од друга страна секогаш има простор за подобрувања, а за тоа е битна политичката волја која е јасно и недвосмислено изразена.
Трајановски: Урбаната мафија не познава партиска припадност, па така може да констатираме дека истите имиња на градежни компании и сопствениците на истите постојано се споменуваат. Голем дел од овие градежни компании се појавуваат како совесни и анонимни „донатори“ во проекти на градот. Очигледно е дека со доаѓањето на власт се „легнува на брашното“ на потребите и волјата на овие инвеститори.
Имаме ли впечаток дека е намален интензитетот на градење во град Скопје? Не. Заводот за статистика регистрира издавање на дозволи за градба во општини кои наводно имаа донесено мораториум за градба во времетраење на истиот. Овој податок доволно говори околу справувањето со овој проблем.
Фактор: Неодамна градоначалникот Шилегов отвори дебата за промена на организацијата на инспекциските служби да бидат централизирани под надлежност на град Скопје. Што мислите за ова решение?
Алеиви: Факт е дека се подготвува меѓуопштински договор преку кој ќе се изврши централизирање на инспекцискиот надзор на територијата на главниот град, под капата на Град Скопје. Во тек е финално усогласување на ставовите кое ќе резултира со конечен предлог. Целта е да се избегнат случаите каде што некој може да помисли, а камо ли да започне да гради дивоградба во центарот на Скопје, каков што беше случајот со дивоградбата кај Мавровка. За жал тоа се некои навики од минатото кои по инерција се случуваат кај поединци, но она што е позитивно за разлика од минатото, е фактот што сега постои политичка волја од страна на сите релевантни субјекти да се спречи ваквото урбанистичко дивеење и не само да се спречи, туку и да се превенира и во иднина да не се случува истото.
Трајановски: Ова не е иницијатива која е започната од страна на Петре Шилегов, со оваа проблематика се соочуваа и во минатото и се размислувало за истото. Овој проблем со ингеренциите на инспекциските служби се користи исклучиво за оградување од одговорност во даден случај. А истата иницијатива се коси со децентрализацијата на локалната власт.
Теоретски звучи дека би била поефикасна со справувањето, пред се со дивоградбите и постапувањето со нив, но лично сметам дека реорганизацијата треба да биде спроведена во рамки на општините и нивните служби и ингеренции.
Фактор: Што е сработено на планот на нови велосипедски патеки, подобрување на јавниот превоз, воведување на ред во сообраќајот, како и поттикнување на алтернативните начини на превоз?
Набавени се 33 нови зелени автобуси на гас, со ЕУРО 6 еколошки стандард, нископодни, едноделни и дводелни, со поголем капацитет на патници. Наскоро ја започнуваме постапката за БРТ системот на т.н. трамвај без шини кој е идеален за унапредувањето на јавниот превоз во градови каков што е Скопје.
Изградени и реконструирани се над 30 км велосипедски патеки. Од вкупно 37 вело-патеки во Скопје во изминатите 3 години изградени и реконструирани се вкупно 21 патека. Со тоа вкупната должина на велосипедската мрежа во Скопје годинава надмина 100 километри.
Градот неодамна ги доби првите 2 памптрак полигони, кај Олимписки базен и во Градскиот парк, но и првата од планираните 3 вело-патеки на Водно, наменети за спортскиот и рекреативен велосипедизам.
Постојано се градат нови и реконструираат постојните пешачки површини, ослободени се тротоарите од паркирани возила, се воведува ред во паркирањето, се поттикнува мултимодалноста во одржливата урбана мобилност преку комбинирање на пешачењето и велосипедизмот со користењето на јавниот градски и приградски превоз.
Годинава се реконструираа и градеа вкупно 21 градска сообраќајница, реконструкциите беа изведувани во рекордно брзи рокови, почитувајќи ги доследно сите стандарди на градење. Градиме мост кој ќе ги поврзе Аеродром со Гази Баба и Центар, а наскоро ќе започнеме со изградба на мост во Карпош кој ќе ги поврзе улиците Љубљанска и Скупи.
Трајановски: Проектот Вело-Скопје го започна приходниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, а Петре Шилегов продолжи со неговата реализација. Веќе е постојан стандард на секоја новоизградена улица или булевар составен дел да биде и велосипедска патека, но мој впечаток е дека граѓаните сè уште не го користат овој начин на превоз доволно, во однос на обемот со кој се инвестира во овој сегмент. Сепак, има нагорна линија, а и единиците на локална самоуправа вклучувајќи го и Град Скопје постојано субвенционираат купување на велосипеди, според тоа сметам дека видливи резултати би имале за некои 3 до 5 години.
Што се однесува на јавниот превоз како што напоменав и погоре, Град Скопје набави 30 автобуси на природен гас, но ако се земе в предвид дека возниот парк на ЈСП-Скопје брои околу 400 возила, ова не е ни 10% од возниот парк.
Возниот распоред на јавниот транспорт е идентичен од 78 година па навака. Градот има многу еволуирано од тогаш и сметам дека ова е нешто на кое треба сериозно да се поработи за да имаме видливи подобрувања. Градоначалникот Шилегов потврди дека се работи на ова прашање, но сè уште немаме ништо од реализација на истото.
Во однос на воведување ред во сообраќајот сметам дека градот целосно потфрла. Од нигде никаде Петре Шилегов реши да ја жртвува изградбата на „Луна Парк“ за да гради и реконструира улици. Го слушна ли некој Шилегов да ветува асфалт пред избори? Секако дека не.
Пред половина година градоначалникот најави градежна офанзива и започна со реконструкција на голем дел улици и булевари во градот, го поништи барањето за кредитно задолжување за Луна Парк, а усвои ново кредитно задолжување од 766 милиони денари за улици и патишта. Па така во изминативе шест месеци сме сведоци на постојани блокади и дополнително оптоварување во сообраќајниот метеж, затворени улици со недоволна сигнализација, а ретко овие метежи предизвикани од реконструкција на улиците се регулирани од сообраќајната полиција. Тоа укажува дека нема комуникација на релација Град Скопје и МВР, а и граѓаните воопшто не се информирани. Дополнително, сметам дека голем дел од улиците кои беа или сè уште се реконструираат не беа во незавидна состојба.
Фактор: Како ќе ја оцените досегашната работа на Советот на Град Скопје, има ли соработка меѓу власта и опозицијата, дали конструктивно ги решавате проблемите или постои кочење на процесот на носење одлуки?
Алеиви: Во владејачката коалиција постои конструктивен дијалог и во голема мера мнозинството ги носи одлуките непречено. Но, за жал опозицијата во Советот на Град Скопје не го заслужува епитетот „конструктивна“. Тоа не може да се смета за кочење, но далеку е од конструктивност. Јас би бил најсреќен доколку опозицијата нуди различни решенија од оние на мнозинството во советот, но само доколку тие решенија се базираат на вистинските приоритети и потреби на граѓаните. Наместо тоа опозицијата се служи со проѕирен популизам, лични дискредитации, дефокусирање од приоритетните предизвици и слично. Жалам што е тоа така, но да не заборавиме дека за конструктивност потребна е волја од двете страни. Не смееме да заборавиме дека тука сме за граѓаните и заради граѓаните, а тие знаат да направат разлика и да наградат или казнат определена политичка понуда.
Трајановски: Слободно можам да кажам дека соработка речиси и да не постои. Одговорно можам да кажам дека во овој мандат нема прифатено или усвоено ниту еден амандман во било која буџетска година предложен од опозицијата. Дополнително неколку иницијативи биле поднесени од страна на опозицијата, а истите биле апсолутно одбиени. Една од иницијативите беше токму за реконструкцијата на Универзална Сала, за која мнозинството во советот предводено од СДСМ ја одби, а се однесуваше на отфрлање на опцијата за рушење и дислокација. Друга иницијатива која би ја напоменал беше да се пренаменат парите за новогодишно украсување на градот во висина од 200 илјади евра за купување лаптопи за децата кои беа приморани да ја следат наставата онлајн, а нивните родители не можат да им овозможат компјутер за да ја следат наставата. И оваа иницијатива беше одбиена.
Фактор: Како го замислувате развојот на градот, како во централните населби така и на периферните населби бидејќи и натаму постои нерамнотежа, недоволно инвестиции во инфраструктурата, социјалните, спортските и културните програми?
Алеиви: Нашите заложби се однесуваат на рационално, контролирано и функционално ширење на Скопје во насока на обезбедување на одржлив развој; визионерскo планирање на сообраќајната инфраструктура, како основен елемент во просторната комуникација, соодветно планирање на комунална инфраструктура, посебно од аспект на инфраструктура за прифаќање со селектирање, рециклирање и депонирање на цврст и друг отпад, како и реконструкција на изградените простори и блокови во простори со повисок комунален и амбиентален стандард.
Скопје во нашата визија го гледаме како зелен град со многу повеќе внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедувањето на чиста и здрава животна средина. Градот треба да се развива и шири на начин што ќе го релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел од градот.
До 2022 година истекува важноста на постоечкиот ГУП. Имаме доволно време да ги вклучиме сите засегнати страни во изработката на новиот ГУП на начин што ќе обезбеди гаранција дека се сериозно лимитирани можностите за пропусти при носењето на деталните урбанистички планови и другата планска документација од понизок ранг.
Трајановски: Скопје е град кој што треба да се унапредува и гради, но тоа треба да биде системски и суштински. Треба да се земат во предвид демографските карти и менталниот склоп на граѓаните од општините, а тие не се исти. Пример, граѓаните на општина Илинден немаат исти потреби и барања со граѓаните од Аеродром или граѓаните на Чаир, со граѓаните на општина Ѓорче Петров.
Градот Скопје постојано инвестира во студии и истражувања и предлог проекти, но тие најчесто завршуваат во фиока и не се реализираат. Ова е суштински проблем на градските администрации од различен мандат, затоа што новите градоначалници суетно одбиваат да ги доработат проектите на нивните претходници, а доколку го прават тоа се трудат истото да биде прикажано како нивна лична заслуга, а не последователна фазна реализација на проект кој бил зацртан пред нивната ера.
Фактор: Во наредната година ќе се одржат и следните локални избори, не очекува кампања и трка за гласови. Кои ќе бидат клучните прашања кои ќе ги одредат изборите и како ќе ја добиете довербата на граѓаните на Скопје?
Алеиви: На следните избори граѓаните можат да одлучат дали се за галии во Вардар или мостови на Вардар. Дали се за дивоградби од споменици и барокни згради или за нови паркови и урбани зелени површини. Дали се за кинески двокатни дизел автобуси или се за германски еко-автобуси на гас кои освојуваат награди за најдобри автобуси во светот. Дали се за перални на сред улица или за модерни булеварски решенија со велосипедски и пешачки патеки градени по стандарди. Дали се за реконструкции кои траат со години или се за реконструкции кои траат од 30 до 60 дена.
Додека некои ја продадоа Дрисла на сомнителни инвеститори, некој ја врати во рацете на градот, во сопственост на граѓаните. Додека некој поставуваше мерни станици за загадување на воздухот надевајќи се дека самиот ќе се исчисти, некој додели субвенции на над 9000 граѓани за инвертери, печки на пелети, велосипеди, тротинети, чистење на оџаци, организираше обуки за оџачари, водеше кампањи за спречување на палењето огнови на отворено, палењето стрниште и непрописно одлагање на кабаст, електронски и други видови на отпад.
Разликите се суштински и преочигледни за да останат незабележани. Граѓаните го препознаваат чесниот, одговорен и системски пристап во надминување на предизвиците и справување со проблемите. Граѓаните препознаваат кој ги создава, а кој ги решава проблемите. Тоа ќе го одреди победникот на следните избори.
Трајановски: Со оглед на изборните програми од претходните локални избори и реализацијата на истите сметам дека нема да има многу разлика во понуденото. Пред сè, затоа што ништо од ветеното не е реализирано ниту пак започнато. Проблемот со загадувањето на воздухот, управувањето со отпадот, решавање на сообраќајниот метеж, вечно ветуваниот трамвај, зголемување на зеленилото во градот, можеме да констатираме дека повторно изворот на изборните ветувања ќе бидат токму околу овие проблеми на градот, но граѓаните овој пат ќе бараат одлучна личност и иницијатор кој сериозно ќе се нафати на решавање на овие проблеми.
Сметам дека актуелниот градоначалник потфрли целосно во реализацијата на ветувањата и се зафати со проекти кои се видливи за очите на граѓаните само за да има било каков импакт и показател дека сепак, нешто се сработило, затоа граѓаните на следните локални избори ќе бараат поинаков профил на кандидат.
Х.С.