ДСЗИ: Пропусти имало во случајот со 7 месечното бебе кое почина на Детската клиника
Пропусти имало во случајот со 7 месечното бебе кое почина на Детската клиника.
Детето не било хоспитализирано како итен случај, а родителите не добиле писмено известување за тоа. Инспекторите на увид ја имале документацијата дека и покрај високата температура и црвенилото, бебето било пратено дома со родителите и со терапија откако претходно било препраќано и на Дерматологија и Инфективната клиника. Два дена подоцна направиле болнички прием, но веќе било во многу тешка состојба.
Здравствениот инспекторат утврди дека имало пропусти. На клиниката уште не е решен проблемот со задолжително присуство на специјалист во дежурната амбуланта, за што веќе се води постапка. И понатаму медицинска документација се креира од лекари кои не се присутни на работа за што и претходно беше издадено решение од инспекторатот. Констатирани се неправилности и во евиденцијата за прием на пациенти.
„Доколку прием не е извршен, установата е должна да издаде писмено образложение за причините за одбивањето на приемот за болничко лекување. Наведената законска обврска е казнива согласно член 306 од Законот за здравствената заштита заради што ДСЗИ ќе спроведе нова постапка за порамнување према правното лице ЈЗУ УК за дeтски болести како и против одговорното лице во установата“, велат од ДЗСИ.
Веќе е формирана Комисија која ќе прави стручен надзор за случајот со седуммесечното бебе чиј татко реагираше затоа што не го хоспитализирале навреме, и со тоа биле принудени цела недела да одат по лекари.
