Државниот санитарен и здравствен инспекторат очаен за работници
Со недостиг на кадри се соочува моментално Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
За ова денес се пожали директорката на оваа институција Ирина Сотирова Бухова која соопшти за проблемите со кои се соочуваат инспекторатите ширум државата.
Бухова предупреди дека во секој град мора да има најмалку по двајца инспектори за да се покрие целата земја бидејќи за безбедноста на храната во македонија за брзо време ќе останат да се грижат само 10 лиценцирани инспектори.
Директорката меѓу другото соопшти и дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат ги добил резултатите од контролите за гостилницата „ДМ“ каде неодмна имаше труење со храна и оти оваа позната скопска кафеана ќе може повторно да работи.
„Државниот санитарен и здравствен инспекторат нема да амнестира ничии пријатели и роднини, кои би го загрозиле здравјето на населението. Мора еднаш да почнеме да работиме и размислуваме поинаку. Здравјето на граѓаните нема да биде ставено на цена да се купува“, потенцираше Сотирова Бухова, не сакајќи да открие дали ДСЗИ трпел притисоци и закани поради последните два случаи на труење, во сендвичарата „Седмица“ и гостилницата „ДМ“.
Таа посочи дека оваа институција има обемна работа, но дека има само 30 инспектори кои вршат самостојни надзори на терен на територија на цела држава.
Појасни дека 20- ина самостојни инспектори се на возраст од 54 до 67 години и оти во следните години оваа институција ќе остане само со 10 вработени самостојни инспектори со лиценци. Од друга страна, пак, посочи Сотирова, 12 вработени иако поседуваат соодветни лиценци за извршување на инспекторската работа, повеќе од осум години не им било дозволено да ја работат оваа работа. Финансиската импликација за овие лица за ДСЗИ не би била повеќе од 500-ини евра.
ДСЗИ, како што рече, располага со 30 возила, од кои една третина се амортизирани автомобили „југо“.
