ДРЖАВНАТА МАТУРА СТАРТУВА НА 31. МАЈ, УЧЕНИЦИТЕ ВО ТРКА СО ВРЕМЕТО, ПРОФЕСОРИТЕ ИНСИСТИРААТ НА ФЕР ИГРА: „Секој обид за измама е ризик да останат без диплома“
Со првиот испит по мајчин јазик и литература, односно ( македонски, албански, турски и српски јазик и литература) закажан за 31. мај, почнува полагањето државна матура оваа учебна година. Околу 15.000 матуранти од сите средни училишта низ земјава се подготвуваат за најважните испити во нивното досегашно образование, билетот за идните факултетски клупи.
Според календарот на Државниот испитен центар, освен испитот по мајчин јазик, матурантите ќе полагаат и втор екстерен испит на 11 јуни, а ќе можат да изберат помеѓу математика, странски јазици (англиски, француски, германски, руски и италијански јазик), или еден од двата општествени предмета, филозофија и естетика. За оние што нема успеат или сакаат подобра оценка, августовската сесија е шанса за поправен.
„Учам секој ден по малку, ама паниката расте“
Подготовките се во полн ек, а кај многу ученици се чувствува и тензијата што доаѓа со одбројувањето на деновите до матурата.
„Уште од февруари почнав посериозно да се подготвувам, посебно за математика, бидејќи сакам да се запишам на некои од техничките факултети. Секој ден учам по малку, ама како се ближат испитите, паниката расте. На моменти ми изгледа невозможно сè да совладам, ама си велам дека ова се последните испити пред факултет и морам да издржам“, вели Михаела Т. матурантка од Скопје.
Нејзиниот соученик Матеј Ј. вели дека повторно се шушка за можни обиди за препишување, како што беше пред две години кога повеќе ученици беа фатени со мобилни телефони.
„Тоа ми е дополнителен стрес. Не сакам да бидам сведок на такви сцени, и се надевам дека годинава ќе биде како што треба. Ќе биде тешко, ама сакам да успеам со свое знаење, а не со трикови. Ни беше кажано и нам, но и на нашите родители дека тестатори секако ќе бидат професори од други училишта и доколку некој биде „фатен“ да препишува, веднаш ќе биде дисквалификуван, односно ќе мора повторно да полага во август. Тоа за мене е предоцна, јас аплицирам на странските универзитети и не сакам такви „авантури“, вели овој средношколец за Фактор.
Проектната задача и интерните испити дополнителен товар
Освен екстерните тестови, матурантите се борат и со изработката на проектната задача, која е составен дел од матурата. За разлика од екстерните, проектната задача се брани пред комисија во училиштето и претставува проучување на некој проблем од предметите или пошироките образовни области.
„Проектната задача ни е како мини-дипломска. Ни бара многу време, а ние паралелно треба да се подготвуваме и за екстерните. Малку е хаотично“, вели Михаела, додавајќи дека за неа ова е најтешкиот дел од процесот.
Покрај тоа, интерните испити се посебно важни за оние средношколци кои своето академско образование планираат да го продолжат надвор од Македонија, па најчесто бираат предмети од областа на природните науки, физика, хемија, биологија...
„Се подготвуваме и не очекуваме скандали“
Професорите велат дека се обидуваат максимално да ги подготват учениците, и академски и психолошки.
„Со учениците правиме пробни тестови, ги учиме како да се организираат при учењето и како да се справат со тремата. Апелирам до нив да се потпрат на сопственото знаење, бидејќи секој обид за измама ги става под ризик да останат без диплома. Минатите години видовме што значат скандалите со препишување и колку тоа ги демотивира учениците што чесно учат. Затоа оваа генерација има задача да покаже дека може поинаку“, вели професорка по македонски јазик во едно од средните училишта.
Државниот испитен центар најавува дека годинава ќе преземе посилни мерки за да се избегнат евентуални нерегуларности, особено кај екстерните тестови каде што претходно беа фатени злоупотреби.
Анита Буховски
