ДРЖАВНА ПЛАТА ОД НАД 63.000 ДЕНАРИ: Се бара искусен ревизор со 10 години стаж за ИПА програмите
Се бара кандидат за висока ревизиска позиција, огласот веќе е објавен на веб страната на Агенцијата за администрација, а од него може да се види дека лицето кое ќе ја добие оваа позција ќе добие солидна плата.
Имено, Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош објави оглас за вработување на еден државен службеник на висока позиција – помошник на Главниот ревизор за ИПА, во секторот за ревизија на програми финансирани од ИПА II и ИПА III.
Станува збор за позиција која опфаќа ревизија на проекти поврзани со регионална и територијална соработка, како и прекугранични програми со други земји.
Сепак, заинтересираните кандидати треба да исполнуваат строги критериуми, како што е работното искуство. Од лицата кои се заинтересирани за оваа позција се бара најмалку 10 години работно искуство во ревизија или контрола, од кои најмалку две години на раководна позиција.
Покрај работното искуство потребно е и високо образование од областа на економијата, правото, информатичките технологии или сродни области, како и активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици во Европската унија – англиски, француски или германски.
Покрај стручните квалификации, кандидатите треба да поседуваат и развиени вештини за управување, стратешко размислување, финансиско управување и тимска работа. Предност ќе имаат оние со дополнителни сертификати од областа на ревизијата, иако тие не се задолжителен услов.
Работното време е стандардно, од понеделник до петок, со 40 работни часа неделно, додека нето платата за оваа позиција изнесува 63.205 денари.
Во самиот огласот е напоменато дека тој е дел од напорите за зајакнување на институционалниот капацитет во управувањето и контролата на европските фондови, особено во делот на ИПА програмите, кои имаат значајна улога во процесот на европска интеграција на државата.
Ова Ревизорското тело произлегува од Регулативата на Советот на Европската унија, а целта на ревизиите кои ги врши Ревизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош е да добие разумно уверување и да даде мислење за ефективното и стабилното функционирање на системот за управување и контрола со ИПА, како и за веродостојност на сметките и изјавите на трошоци за средствата користени од претпристапната помош на Европската Унија во Република Северна Македонија.
- Со Законот за ревизија на ИПА се формира Ревизорско тело како самостојно и независно правно лице, функционално независно од сите учесници во системите за управување и контрола со инструментот за претпристапна помош. Со законот, се уредуваат предметот на ревизија, организацијата и надлежностите на Ревизорското тело и начинот на вршење на ревизија на ИПА во Република Северна Македонија при децентрализирано управување со и без ex-ante контрола од страна на Европската Kомисија.
Значи нашиот делокруг на работа е доста опширен и е од големо значење за целокупното спроведување на програмите на ИПА. Согласно со тоа, многу е важна нашата соработка со сите тела кои го сочинуваат системот за децентрализирано управување и контрола со ИПА, од националните до европските институции и крајните корисници на средства - се посочува на веб страната на Ревизорското тело.
На раководната позиција на ова тело се м-р Милаим Абдураими, како Главен Ревизор за ИПА и д-р Иван Игњатов, Заменик Главен Ревизор за ИПА. Од веб страната може да се види дека во оваа институција се вработени вкупно 33 лица.
По изборите има драстичен раст на огласи за вработување во државните институции. Покрај пополнувањето на разни позиции во основни училишта, се бараат лица и за во општините, но и државни институции како Фискалниот Совет, НБРСМ, Собранието, Министерството за транспорт, како и Управата за јавни приходи - УЈП, Министерство за финансии, Генерален секретаријат на Владата на Македонија...
Фактор неодамна објави дека според новиот извештај на Агенцијата за администрација е забележан остар раст на одлуките за избор на нови примени административци во 2025 година. Бројот на избрани кандидати за една година е зголемен за неверојатни 132,62 отсто.
П.О.
